МАКЕДОНСКИ БРОД

И за овие локални избори во Општина Македонски Брод има рекорден број поднесени независни листи на советници. До последниот рок се поднесени пет независни листи на советници и една независна листа за градоначалник, со кандидатот Ацо Новески.
Од почетокот на поднесувањето до денеска, во нашата канцеларија се поднесени пет независни листи на советници за претстојните локални избори, кои ќе се одржат на 17 октомври. Носител на петтата и последна листа на советници, која денеска е поднесена, е Марјан Алампиоски, угостител од Македонски Брод. Од претходно поднесените четири независни листи на советници, само носителите на првите две независни листи се припадници на актуелниот советнички состав, а се работи за угостителот од овој град Бране Јованоски и за Ивица Аврамоски, невработен, кои први ги собраа неопходните потписи и влегоа во кандидатурата за претстојниот советнички состав. Со толкав број независни листи, нашата општина ќе го носи епитетот најплурална општина во земјава – рече Горан Спироски од канцеларијата на Државната изборна комисија во Македонски Брод.

Тој појасни дека можноста за пријавување за независни листи на советници и градоначалник заврши вчера, додека партиските листи ќе може да се поднесуваат до 16 септември, кога се очекува повеќе партии да поднесат листи на советници и за градоначалник. Имињата на некои кандидати се веќе познати. Во исто време, во Општина Кичево беше поднесена само една кандидатура за градоначалник за Фатмир Лимани и една независна листа на советници.