КИЧЕВО

Зимата без екстремно ниски температури и речиси без снег, придонесе пчеларите во Кичевско да бидат презадоволни од состојбата во пчеларниците и од бројноста на пчелите во сандаците. Очекуваат оваа состојба да продолжи и наредните месеци и конечно да имаат година со добри приноси на мед, по неколку години со просечни и мали приноси и со големо губење пчели во сандаците поради одредени болести.
– Ако пчелите и понатаму се развиваат со овој интензитет и времето им се погоди, тогаш оваа година може да ја прогласиме за една од најдобрите во последната деценија. Бројноста на пчели во сандаците е на максимално ниво, немаме загинати пчели ниту некоја болест. Очекуваме оваа состојба во пчеларниците да продолжи и во пролетниот дел, кога често времето е непредвидливо и затоа да почекаме да дојде месец април, кога неколку години едноподруго имавме минусни температури во периодот кога цветаа овошките, што директно се одрази и врз приносите на мед – вели Васе Максимоски, пчелар од овој регион, прочуен по квалитетниот мед и сите производи од мед, кој и во текот на зимата секојдневно се дружи со своите пчели и будно ги следи промените што доаѓаат со текот на времето.

Топлото време придонело дренот да почне да цвета и тоа бил уште еден аларм за пчелите да почнат да собираат полен. Дека е слична состојбата со пчеларите од другите делови во овој регион, потврдува и пчеларот Владо Пејоски. Тој е освојувач на златен медал за квалитет на медот на Меѓународниот натпревар во Тетово, а во моментов со своите 100 сандаци пчели е беспрекорен познавач на оваа проблематика и мериторен соговорник по сите прашања поврзани со пчеларството.
– Можеме да бидеме повеќе од задоволни од моменталната состојба во пчеларниците. Пчелните семејства се многубројни и во добра кондиција, што е гаранција дека ќе одговорат на потребите за да соберат што повеќе полен. За прихрана на своите пчели јас редовно во сандаците им оставам доволни количества од сопствениот мед, што ќе овозможи да бидат и здрави и да прават гарантирано природен мед. Ако нешто не се промени наредните месеци, треба да очекуваме успешна година и приноси какви што сме немале последните неколку години, па и децении.

Потврда за квалитетот на мојот мед пристигна и од Меѓународниот натпревар за квалитет на медот во Тетово во конкуренција на 360 мостри од 17 земји на светот – истакна пчеларот Пејоски, кој своите пчели ги негува во селото Белица, Кичевско.
Изминатите години се случи на повеќе пчелари во текот на зимата целосно да им загинат пчелите во сандаците, со што претрпеа долгорочни штети, бидејќи мораа да започнат одново да пчеларат, а тоа значи години без приходи и со значително поголеми расходи.