Денес во Кичево, Конфедерацијата на слободни синдикати организираше мирен протест на кој учествуваа вработени од јавниот сектор од повеќе дејности и од повеќе градови од западниот дел на земјава. Протестот беше организиран под мотото „Стоп од јавен во приватен сектор“, а на градскиот плоштад во Кичево пред присутните се обратија повеќемина претседатели на регионални одбори на СОНГ, како и претседателот на Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, Благоја Ралповски.
-Ова е социјален протест каде што Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија како и неколку пати во минатата година, ги бара своите права кои се во склоп на законите на РМ. Бараме покачување на платите во јавниот сектор согласно покачувањето на минималната плата од 01.01.2019 година. Да почне исплата на К-15 во јавниот сектор и секако откажување на идејата на Владата од преминување од јавен во приватен сектор. Се погласно се зборува дека во јавната администрација има превработување, токму затоа да се сопре вработувањето во јавниот сектор и по природен процес на пензионирање јавната администрација ќе дојде до рамништето до кое треба да биде – истакна Ралповски.
Инаку првиот протест на слободните синдикати беше организиран во 2017 година како предупредувачки, потоа беа организирани протести во Прилеп, Штип и денес во Кичево, а има најави дека овие протести ќе продолжат и низ останатите градови во државава се до исполнувањето на барањата.
Од името на Регионалниот одбор на СОНК за Кичево, пред присутните се обрати претседателот Цане Крстески.
-Нашите барања се сосема легитимни во склад со законите на Македонија и меѓународните конвенции. Искрено се надевам дека денешниот трет по ред протест ќе биде сериозно сфатен од надлежните органи и во вистинска смисла на зборот ќе отпочне социјалниот дијалог. Доколку и понатаму надлежните остануваат глуви на нашите барања, ние нема да запреме тука, туку одиме понатаму се до конечното остварување на нашите барања – порача Крстески.