Со триесетминутна блокада на патот Тетово – Попова Шапка кај жичарницата на излезот од градот иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ втора сабота по ред го искажа своето незадоволство од состојбите во овој зимски центар и особено управувањето со него од страна на ЕЛЕМ. Според Амди Сулејамни од оваа инцијатива поради лошото менаџирање на ЕЛЕМ 25 милиони евра од даноците на граѓаните завршиле на непозната адреса додека загубата поради нефункционалноста на Попова Шапка е и над овие пари.
-Лошото менаџирање направи Попова Шапка да се избрше од светски рангирачки туристички карти и затоа нашите барања се стрикни – ЕЛЕМ Оставка. Владата изјави дека Попова Шапка ќе се одземе од ЕЛЕМ и компанијата ќе нема право да управува со центарот. Ние ја чекаме Владата на Попова Шапка со конечна одлука, а не само со анализи, изјави Сулејмани.
Тој апелираше до инвеститорите, сопстевниците и жителите на селата околу Попова Шапка да се информираат за нивните права и обврски бидејќи, како што речре, од пред два дена е отворена јавна анкета во општина Тетово за деталниот урбанистички план за овој дел од општината.
За Жарко Трповски кој учествуваше на протестот фактот што во последните десет години состојбите на Шапка се се полоши само докажува дека сите управи покажале незнаење и некомпетентност и покрај вложувањата.
-Изминатите години беа вложени над 20 милиони евра, дел во новата шест седишница што еве четврта година не проработува и е поставена на лошо место, дел во базенот што требаше да обезбеди вода за вештачки снег што исто така се откажа. Грешки има и во локалната и централната власт бидејќи уште нема паркинзи соодветни на потребите. Единствен излез е Владата, државата да направи официјалне документ за својата визија за развој на Попова Шапка со реални предвидувања за пораст на капацитетите за скијачи од сегашните 2.000 на 5 до 6.000 скијачи со соодветно опремени патеки, хотелски и други сместувања и нова понуда и за летниот период. Само така може да се продолжи скијачката сезона од сегашните 50 денови на 130 па и повеќе денови и сезона од најмалку 60 денови за летен туризам, рече Трповски.
Од денешниот протест присутните побараа од институциите да не го чекаат само гласот на граѓаните да ги мотивира за работа туку да ја извршат својата должност и обврска за која се платени со парите од граѓаните.