Деновиве во изложбениот салон на Магазата во Битола беше отворена годинашната изложба на Друштвото на ликовните уметници на Битола.

На изложбата со свои ликовни творби се претставија триесетина ликовни уметници членови на Друштвото, кои изложија 42 свои уметнички дела, работени со различни мотиви и техники. Добитник на признанието за најдобро ликовно остварување „Борислав Траиковски“ е ликовниот уметник и педагог, Александар Поповски.

– Комисијата одлучи оваа година наградата „Борислав Траиковски“ да ја добие почитуваниот ликовен уметник Александар Поповски. Би сакала да напоменам дека изложбата оваа година е продажна. Дел од продажбата ќе се користи за ликовни курсеви, работилници и обуки на деца и возрасни, кои сакаат да го надоградат своето знаење. Нивниот интерес претставува чест и внимание за уметниците кои учестуваат на годинашнава изложба, како и почит и уважување на нашата работа – рече во својата изјава Нела Петровска, претседател на ДЛУБ.

М.М.