ОХРИД
Врз основа на утврдениот режим на сообраќај за стариот дел од градот Охрид и Правилникот за издавање картички за движење на моторни возила во стариот дел на град Охрид, а со цел граѓаните на овој дел од градот непречено да се движат – Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици ги известува граѓаните од стариот дел од градот дека ќе се отпочне со пререгистрација на постојните картички што ги исполнуваат условите во согласност со Правилникот. За навремена и ефикасна пререгистрација на постојните картички, а со цел непречено движење во овој дел од градот се известуваат сите жители што веќе поседуваат картички да се пријават во Општина Охрид и притоа со себе да носат соодветна документација.
– Постојаните жители на стариот дел од градот Охрид треба да донесат копија од лична карта и на нивно име и адреса да има регистрирано моторно возило со важечка регистрација (се докажува со копија од сообраќајна дозвола). Правни лица ќе можат да добијат картичка за движење на возилата што се регистрирани на иста адреса, на која адреса е и седиштето на правното лице, а кое е во стариот дел од градот Охрид (како доказ се приложува копија од сообраќајна дозвола и тековна состојба од Централен регистар – не постара од 60 дена). Жителите што немаат постојана адреса во стариот дел од градот, кои во сопственост имаат станбен објект во овој дел, ќе им биде издадена само една картичка за моторно возило регистрирано на нивно лично име (како доказ приложуваат имотен лист од објектот, копија од лична карта и копија од сообраќајна дозвола од сопственото возило). Сите станоиздавачи што поседуваат уреден простор за паркирање со повеќе паркинг-места и кои до објектот имаат непречен пристапен пат ќе добијат онолку картички колку што имаат обезбедено паркинг-места (како доказ приложуваат важечко Решение за категоризација издадено од Општина Охрид и потврда од Комисијата дека во склоп на објектот има паркинг-места). За туристи што имаат резервирано сместување преку букинг, со формуларот ќе може да влезат во стариот дел од градот за сместување и во временски интервал од еден час возилото треба да излезе – информираат во Општината.
Сите баратели што ги исполнуваат наведените услови ќе може да извршат пререгистрација на картичките секој работен ден од 21 мај до 6 јуни во временскиот период од 10 до 14 часот, на посебен шалтер во зградата на Општина Охрид.