Фото: Зоран Антоски

Во средиштето на Кичево деновиве е поставен првиот полнач за електрични автомобили кој го донира ЕВН и на кого истовремено можат да се полнат две возила. Моментално во градот на овој погон се движат помал број возила и неколку мопеди и колички за инвалиди.

Полначот за електрични автомобили е инсталиран во центарот на Кичево, со што се отвора нова страница во сферата на автомобилската индустрија и во нашиот град.

-Во моментов во Кичево има повеќе мопеди, инвалидски колички и неколку автомобили кои се движат на електричен погон, но како ќе одминува времето и ќе се види полезноста и заштедата од ваквите автомобили, нивниот број секако ќе расте. Ако во иднина се исталираат и нови полначи за автомобили, препорачливо е тие да бидат поставени на други локации на периферијата на градот, за да не мораат нивните корисници дополнително да трошат и губат време. Инаку од она што ми е познато, електричните автомобили со полнење од половина час, ќе можат да поминат пат од околу 50 километри или безмалку да ја изминат релацијата од Кичево до Охрид-вели Тино Алексов, електро инжинер и советник во општина Кичево.

Граѓаните посочуваат, дека присуството на електричните автомобили во градот е добра вест, бидејќи аерозагадувањето ќе биде се помало, а тоа ќе помогне да има почист воздух, иако гланиот загадувач доаѓа од затоплувањето на домовите.

З.А.