Се освети параклисот посветен на Света Петка кој се наоѓа на влезот во тетовското планинско село Луковица, на Сува Гора. Градењето на црковниот храм траеше 14 години, а со тоа селото го добива третото православно светилиште, веднаш по црквите „Св. Илија“ и „Свети Георгиј“.
-Станува збор за параклис изграден од семејствата Јаковчески, Пејовски и Димитриевски, помогнати од месното население како и други верници. Ова православно светилиште е изградено на местото за кое се верува дека извира лековита вода за очи и други болки. Лазар Михајловски исцрта дел од внатрешноста – изјави Томче Јаковчевски.
Во план е довршување на фрескоживописот, но и уредување на дворот со цел да собере поголем број на верници кои ќе сакаат да и оддадат почит на Света Петка. Чинот на осветување го изврши протојереј ставрофор Мирко Станкоски. По осветувањето свештеникот одржа утрена литургија, го освети кумскиот колач и принесената трпеза.
A.С.