Во присуство на амбасадорката на Германија, Анке Холштајн, и амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, со полагање на венци, букети свежи цвеќиња, пред споменикот на костурницата денеска на Француските гробишта во Битола беше одбележан 11 ноември, денот на примирјето меѓу Франција и Германија во 1918 година.

– Пред повеќе од еден век, овде на ова тло се бореле речиси 400.000 француски војници, а над 70.000 од нив никогаш не се вратиле дома. Загинале во битките, но многумина ги изгубија своите животи погодени од дизентерија, скорбут и други болести.

Во таа војна, Битола беше на линијата на фронтот. Таа беше маченички град, подложен на секојдневни бомбардирања, на удар на војниците кои се судрија со цивилите, во многу долга борба до смрт. На ова тло смртоносен исход имаа и германските војници како и бугарските, српските, грчките, анлиските,и италјанските и руските. Во оваа братоубиствена пресметка европските војски се судрија трајно, смртно нижејќи наизменично победи и порази.

По победите и поразите напредувањата и повлекувањата оваа војна конечно заврши со примирјето од 1918 година. Токму ова примирје ние го славиме денес. Тоа се сите оние борци, тоа се сите овие цивилни жртви на линијата на Фронтот на кои им оддаваме почит, денес, меѓу помирени европски народи, помирени врз основа на овие заеднички страдања, во помирена Европска унија која продолжува со своето обединување. Изминатите месеци илјадници експлозивни направи беа откриени во Центарот на Битола. Градот на своето тло сѐ уште ја чува трагата од овие минати болки. Зборуваме за минатото, но всушност зборуваме за сегашноста.

Минатото и сегашноста треба да ни помогнат да изградиме подобра заедничка иднина. Тоа е смислата на соработката што се обидуваме да ја воспоставиме, токму за зајакнување на капацитетот за деминирање и општа поддршка на ова земја во нејзиното неодминливо враќање во еврпското семејство – истакна амбасадорот на Франција во Македонија, Бомгартнер.

М.М.