Со свечена литургија утрото во црвата Св. Благовештение, со водоосветување и прережување на празничниот колач пред параклисот Св. Никола во центарот на градот, како и со посна трпеза, сармички, грав, риби, со околу 2000 литри пијалоци, денеска во центарот на Прилеп беше одбележан патрониот празник на градот Св. Никола.
Празникот, чиј домаќин годинава беше семејството на градоначалникот Илија Јованоски, беше во духот на хуманоста, еднаквоста и грижата за ранливите категории граѓани.
-Голема чест и задоволство е на целото мое семејство што сме домаќини на градската слава – изјави Виолета Јованоска, сопруга на градоначалникот.
Илија Јованоски, пак како градоначалник посочи дека илјадници семејства во духот на традицијата денеска го празнуваат Св. Никола.
-Општина Прилеп ја чествува градската слава во духот на еднаквоста и хуманоста. Чествуваме овде на едно место, без поделби. Сите заедно сме на заедничката трпеза. Како општина ја насочивме нашата грижа кон лицата болни од ретки болести. Средствата од светиниколскиот фудбалски турнир ќе бидат наменети и за децата со цистична фиброза. Годинава бевме иницијатори на акцијата „Подај рака, биди човек“, во соработка со Црвениот крст. Донираните хуманитарни пакети се кај семејствата со социјални проблеми. Вистинската хуманост нема цена, нема има – има само срце. Со хуманост да ја прегрнеме нашата заедница – посочи градоначалникот Јованоски, повикувајќи ги граѓаните да донираат во рамките на нивните можности.
Митрополитот преспанско пелагонски г.Петар, честитајќи го празникот и потсетувајќи на улогата на Св. Николај, посочи дека е жално што младите масовно ја напуштаат татковината и дека треба да се направи нешто да се вратат, при тоа барајќи да се почитува традицијата, да се покажува хуманоста и луѓето да се почитуваат.
Наредната година домаќин на градската слава ќе биде семејството Небрежанец.
Ка.М