Во Битола денеска беа одбележани 55 години од смртта на Милтон Манаки.
На Влашките гробишта почит оддадоа Емилија Костурски, заменик на градоначалникот на Битола, претставници од Советот на општината, Комуната на Власите од Битола, како и други делегации.
-Денеска кога одбележуваме 55 години од смртта на Милтон Манаки треба да се потсетиме дека денешниот ден е спомен на уште еден голем јубилеј, кој означува 40 години од раѓањето на идејата за почеток на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. На овој ден се роди идејата за организирање на фестивал во чест на Браќата Манаки. По церемонијата која се одржа на Влашките гробишта во 1979 година, заедно со делегацијата која учествуваше на чевствувањето, отидовме кај тогашниот претседател на Општината Битола и падна одлуката, Битола да биде домаќин на еден фестивал, или одредена манифестација, која ќе биде се со цел да се вреднува делото на Браќата Манаки. Така, се роди првиот фестивал на филмската камера, кој најпрво беше како собир на филмските сниматели, за денес да го имаме големиот фестивал на Браќата Манаки, познат низ целиот свет – истакна Стевче Хаџиантоновски, еден од иницијаторите за организирање на овој фестивал.
М.М.