По повод 76-годишнината од формирањето на Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија, Градоначалничката на Општина Битола м-р Наташа Петровска, на покана на Општинската организација на Сојузот на борците од Битола, денес положи свежо цвеќе пред спомен плочата кај Противпожарната единица. Одбележувањето на овој датум од страна на Петровска и Сојузот на борци беше во согласност со сите протоколи за заштита од ковид-19.
Првата народноослободителна ударна бригада од Егејска Македонија, попозната како Егејска бригада е формирана на 18 ноември, на местото каде што денеска се наоѓа Против пожарната единица во Битола. Во време на формирањето, бригадата броела над две илјади борци, распоредени во четири баталјони.
Штабот на бригадата го сочинуваа Илија Димовски-Гоче командант, негов заменик Наум Пејов, политички комесар, Михаил Керамитчиев и заменик комесар Вангел Ајановски-Оче.
Во почетокот на март 1945 година, Бригадата била стационирана во Битола и Гевгелија, а со наредба на 2 април 1945 година на Главниот Штаб на НОВ на Македонија, Бригадата била расформирана, додека нејзиниот боречки состав бил распореден во други единици.
Најголемиот дел од борците на Бригадата се вратиле во Егејскиот дел на Македонија и ги создале првите одреди на Народноослободителниот фронт (НОФ), а потоа станале борци во единиците на Демократската армија на Грција, каде што, повторно, покажале огромна пожртвуваност во борбата за национални и социјални права и слободи. М.М.