Денес во село Цер, Кичевско, беше одбележана 114-годишнината од херојската смрт на Христо Узунов и неговите соборци. Најпрво беше отслужена панихида од страна на свештеник од кичевското архиерејско намесништво, потоа хорот од училиштето „Христо Узунов“ од село Другово ја изведе македонската химна и песната за Узунов, а ученици од ова училиште читаа свои песнички посветени на херојот и неговите соборци.
Потоа реферат за херојството на Христо Узунов и неговите соборци поднесе наставничката по историја од ова училиште, Виолета Петкоска.
-Ние доаѓаме овде да се поклониме на херојскиот чин кој се случил пред 114 години и тргнува приказната за јунаштвото и непокорот за славниот војвода Христо Узунов и неговите соборци. И од каде да почнеме, денеска не можеме да најдеме споредба за делото со кое тие се запишале во историјата. Тие биле должни на своите предци да ја продолжат борбата за слобода, биле истрајни и правдољубиви, нивниот непокор бил пример за сведоците на настанот. Тие се бореле за идеали кои не успеале да станат стварност во моментот на нивната борба, а ние сме тука идеалите што денеска се вистински вредности да ги чуваме и негуваме – рече во својот говор наставничката Петкоска.
Потоа од страна на делегации на родниот град Охрид, локалното население, АРМ, политички партии и почитувачи на животот и делото на Узунов, пред споменикот беа положени букети свежо цвеќе.