ДЕЛЧЕВО
Екипи на ЈКП „Брегалница“ ја почнаа акцијата за засадување нови украсни садници, со што се збогатуваат зелените површини, а парковското зеленило ќе добие нов лик во градот.
Садниците ги набави Општина Делчево, во тендерска постапка, при што од буџетот се одвоени 117.460 денари. Економски оператор е „Градина цвет“ од селото Владиевци, Василево, како најдобар понудувач, а набавени се 169 садници. Украсните садници ќе се засадуваат по должината на парковското зеленило на булеварот Македонија, од крстосницата кај семафорите кон излезот од градот спрема Берово.
Градоначалникот Горан Трајковски направи увид на почетокот на акцијата и истакна дека целта на оваа акција е да се збогатат содржините во јавните зелени површини во градот, а украсните садници ќе му дадат посебен и богат изглед на булеварот, кој е фреквентна сообраќајна артерија за транзит на возила за влез и излез од земјава, но, секако, ќе влијаат и на прочистување на амбиенталниот воздух, а со тоа директно се придонесува кон почиста животна средина.
Лани во централното градско подрачје беа засадени над 200 садници од липи, јавори, багреми, чемпреси.