KИЧЕВО
Откако долготрајната суша го спушти нивото и на Осломејско Езеро, благодарение на интензивните врнежи од дожд во изминативе десетина дена, нивото на водата се искачи на својот максимум и визуелно може да се забележи дека е полноводно и дека рибниот фонд во езерото има прекрасни услови за прираст и развој.
Благодарение на подземните извори од кои се напојува ова езеро, и во најсушниот период од годината нивото е спуштено за само еден метар. Ако се има предвид дека поголем број вештачки акумулации во земјава поради малиот доток на вода драстично се преполовени, Осломејско Езеро споредено со овие акумулации сосема малку губи вода.
– Врнежите од дожд што претходниот и овој викенд беа интензивни во нашата земја, придонесоа нивото на езерото да се врати на својот максимум, бидејќи се бележи пораст од еден метар. Во наредниот период треба да очекуваме пораст барем уште половина метар, бидејќи се очекува топење на снегот на околните планини и повеќе вода од подземните извори. Инаку и покрај сушата што беше присутна во земјава речиси цела година, нивото на Осломејско Езеро се спушти за само еден метар, што значи дека се потврдува фактот дека има стабилен водостој и силни подземни извори – истакна претседателот на риболовното друштво „Хантер фиш“, Бесмир Елези.
Тој најави вклучување на локалната самоуправа во преуредување на крајезерскиот појас, пред големите меѓународни натпревари во спортски риболов што треба да се одржат годинава.
– Бидејќи природата ни е наклонета, ние во текот на годинава и со помош на локалната самоуправа, ќе се погрижиме да извршиме рекултивација на крајезерскиот појас и обезбедување врвни услови за натпреварите во спортски риболов, кои треба да се одржат на оваа акумулација во текот на оваа календарска година, ќе ги има вкупно четири, а дел ќе имаат и меѓународен карактер. Од градоначалникот има ветувања дека повеќето грантови што ќе ѝ бидат доделени на Општината годинава, ќе бидат насочени на уредување на околината на ова вештачко езеро и за изградба на нови содржини – додаде Елези.
Се очекува годинава езерото да биде повторно порибено, четврти пат во изминатите три години. Оваа езерска убавица се очекува да прерасне во привлечно место за спортски риболов и за уживање во природа.