ГЕВГЕЛИЈА

Општинскиот штаб во Гевгелија констатирал дека состојбата со ковид-19 е повеќе од алармантна, поради досега незабележаниот пораст на бројот на заразени, како и поради целосно пополнетите болнички капацитети на пациенти со сериозни симптоми. Градоначалникот Сашо Поцков кажа дека уште позагрижувачки е што се зголемува и бројот на позитивни здравствени работници, а неодамна е регистриран и првиот смртен случај на лаборантка во Општата болница.
– Затоа и едногласна беше оцената на општинскиот штаб за целосно враќање на рестриктивните мерки, поради што ќе побараме од Главниот кризен штаб да воведе ограничување на движењето во општината Гевгелија, од 21.30 часот до 5 часот наутро, барем додека не се стабилизира состојбата. Освен ова барање, општинскиот штаб заклучи да побараме од главниот кризен штаб и да ја преиспита мерката за ограничена пополнетост на автобусите во јавниот превоз, поради непочитување на мерките, и повторно враќање на процентот на 50 отсто. Поради влошената епидемиолошка состојба, општинскиот штаб побара засилена инспекциска контрола, но и заострени санкции кон прекршителите на заштитните мерки – информира Поцков.
Во градот повторно се враќаат патролните екипи за контрола на почитувањето на заштитните мерки во угостителските објекти, пред сѐ, во кафулињата, кои се најголеми жаришта на зголемениот број на заразени.

– Овде се собираат голем број млади луѓе, кои не се придржуваат на мерките за носење маска и одржување дистанца. Покрај ова, повторно ќе одржам состанок со угостителите што стопанисуваат со кафулињата, во обид уште еднаш да ја сфатат сериозноста на состојбата и веќе евидентните последици по здравјето на граѓаните – додаде Поцков.
Според раководителот на Центарот за јавно здравје, д-р Сашо Олумчев, британскиот сој на коронавирусот е присутен и на овие простори, бидејќи инфективноста е значително зголемена. Бројките енормно растат, а, што е уште покарактеристично, сѐ почести се пациентите со сериозни симптоми.
– Сѐ поголем број млади луѓе се новозаразени и ако до неодамна младите луѓе беа, главно, преносители на вирусот, сега страдаат, односно се заразуваат. Како резултат на недисциплината и непочитувањето на мерките, присутен е наплив на голем број пациенти во регионот, цели семејства се заразуваат, почнувајќи од младите, па до возрасните. Доколку продолжи ваквиот тренд, состојбата ќе биде критична, бидејќи модуларниот ковид-центар е преполн, а бројот на здравствените работници е преполовен, односно се заразени или во изолација.

Затоа, неопходни се рестриктивни мерки и санкционирање на секое непочитување на заштитните мерки, бидејќи, по сѐ изгледа, граѓаните поинаку не ја сфаќаат сериозноста на состојбата – изјави д-р Сашо Олумчев.
Тој кажа дека многу е важно за суспектните пациенти, по направениот брз тест или појавени симптоми, да не чекаат дома, туку веднаш да се јават кај матичниот лекар, бидејќи потоа е доцна за лекување. Во согласност со последната евиденција, во градот во моментов има 278 активни случаи.