Денот на жалоста е симбол на сеќавање и мост за заедничка мирна иднина на Европа

Амбасадорите на Германија Анке Холштајн и на Франција, Сирил Бомгартнер, во присуство на дипломатскиот кор во земјава и претставници на АРМ и МО, денеска го одбележаа Денот на народната жалост, полагајќи цвеќиња на Германските гробишта во Прилеп. При тоа амбасадорката Холштајн рече дека Денот на народната жалост е сеќавање на загинатите во војната, жрвите и на насилството ширум светот и дека на светот му е потребна љубов.

– Тоа што се случило не можеме да го вратиме назад, ниту пак можеме да го игнорираме, релативизираме или реинтерпретираме. Единствениот пат што ни останува е да се заложиме за тоа војната и диктатурата никогаш да не се повторат. Мораме со сета сила внатрешно да се ангажираме за демократија и толеранција, а надворешно за разбирање и помирување. Тоа што европските соседи и поранешни воени противници ни ја подадоја раката на помирувањето е скапоцен подарок што треба да се негува. Затоа не смееме никогаш да го заборавиме настанатото страдање. Денот на народната жалост е симбол на сеќавање и момент за размислување за емпатија и опомена, за разбирање и помирување. Тој е мост кон задничката мирна иднина на Европа – рече амбасадорката на Германија, Холштајн.

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, посочи дека треба да го одржуваме мирот кој што постои помеѓу нациите кои порано биле завојувани или спротивставени страни.

– Историскиот процес и сите негови случувања претставуваат уникатен и светски пример како војните треба да станат заборав. А ние сите заедно да се бориме за слобода и еднаквости да бидеме горди на мирниот соживот и одржувањето на мирот во светот – посочи градоначалникот Јовчески, кој попладнево оствари протоколарна средба со амбасадорите на Германија и на Франција во општина Прилеп.

Ка.М.