Во владина процедура е постапката за објавување конкурс за избор на нов концесионер на Охридското Езеро.
Како што информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, во консултација со стручните служби од Охрид и институтите, направена е измена во риболовните основи за поголема заштита на рибниот фонд.
– Прифатени се сите предлози што стигнаа во делот на заштитата на белвицата и охридската пастрмка. Со овие измени на риболовните основи имаме уште поголема сигурност. Штом ќе заврши владината постапка, формирањето комисии и другите активности што се во процедура ќе биде објавено – рече Николовски.
Ресорниот министер тврди дека и покрај тоа што Охридското Езеро нема концесионер кој треба да се грижи за зачувување на рибниот фонд и да го штити од рибокрадци, Инспекторатот успешно ја врши својата работа.
– Ќе ги објавиме констатираните незаконитости и ќе имаме транспарентна постапка за избор на нов концесионер согласно изменетите риболовни основи кои даваат поглема заштита на ова природно богатство – напоменува Николовски.
Охридското Езеро моментно нема концесионер. Со одлука на Влада е одземена концесијата поради, како што информира министерот, неисполнување одредени законски обврски кои треба да ги извршува концесионерот.