Охрид

Денеска во Куќата на Уранија, со почеток во 19 часот, ќе му биде врачена Светската награда за хуманизам на годинешниот добитник, академик Георги Старделов.

Старделов е четиринаесеттиот добитник на ова престижно светско признание, а прв од нашава земја. Наградата ќе му ја врачи градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески. Вечерта со посебно признание ќе му биде оддадена почит на неодамна починатиот бугарски академик Светлин Русев, добитник на Светската награда за хуманизам во 2014 година, автор на спомен-обележјето „Охрид – центар на светскиот хуманизам“, кое годинава ќе биде свечено поставено на плоштадот „Долна порта“.

Пригодни беседи за Старделов ќе одржат Јордан Плевнеш и Жан-Патрик Конрад, професор на „Ројал колеџ“ од Лондон и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите. Организатор на настанот е Охридската академија на хуманизмот, со поддршка на општината Охрид.