КИЧЕВО

Големите промени во начинот на живеење и појавата на новите технологии сѐ повеќе ги потиснуваат старите занаети. Од нив жителите со децении остварувале приходи за живејачка, а еден од нив, кој ја губи својата важност, е и грнчарството, занает стар повеќе милениуми. За овој занает е врзана многувековната традиција на селото Вранештица, синоним за преработка на глина и производство на керамички производи.
За да се зачува традицијата во најгрнчарското село, веќе шест години се одржува Младинска керамичка работилница, на која учествуваат средношколци од Кичево и ДСУД „Лазар Личеноски“ од Скопје. Низ овие работилници во шесте години продефилирале над 80 ученици, кои низ активната работа со глината навлегуваат во тајните на грнчарството и на тој начин се грижат овој занает да продолжи да живее.
– Во изминатите шест години учениците од средните училишта од двата града, низ непосредна работа со глината, се воведуваа во тајните на грнчарството, а на тој начин претставуваат продолжувачи на оваа традиција, која тивко умира. Самите ученици велат дека пред да дојдат во Вранештица малку знаеле за овој занает, но по учеството на работилницата навлегле во тајните на овој занает, кој го доживеале на еден поинаков начин и сѐ повеќе посакуваат повторно да се соочат со предизвиците на глината – вели Гоце Стоилковски, ментор и професор во скопското училиште.

Некои ученици имаа и имаат повеќе учества на работилницата, а една од нив е Викторија Н., која драстично го променила мислењето за овој занает, откако во неколку наврати била дел од работилницата.
– Претходното непознавање на овој занает создаваше едно претчувство дека е тежок и непривлечен, ако се има предвид дека се работи со глина. Но со секое наредно учество, љубовта кон овој занает беше сѐ поголема и низ оваа дружба, грнчарството ми стана поблизок занает, кој овозможува од глината да се создаваат разни форми, а нашите творби да бидат многу инвентивни и нетрадиционални – вели Викторија.
Оваа работилница финансиски е поддржана од Министерството за култура, а ја организира центарот за култура „Кочо Рацин“ од Кичево.
– Оваа работилница опфаќа изработка на цртежи за можни форми на предметите од глина, печење, декорирање и глазирање. Проектот има цел да придонесе за културна дисперзија и опстанок на оваа традиција – вели Мазлам Османи, директор на Центарот за култура во Кичево.
Инаку, на годинешната работилница учествуваа десет ученици од кичевските гимназии „Мирко Милески“ и „Дрита“, со професорите ментори Мирослав Крстески и Селиме Османи.