Марија Младеновска – Димитровска, психолог од Битола, е добитничка на наградата на Битола 4 Ноември.

Ова највисоко општинско признание Марија Младеносвка- Димитровса го доби за нејзиниот научен труд од областа на психологијата, која таа во летово го промовираше на 16 конгрес на психолозите на Универзитетот Ломоносов во Москва.

Таа, како и секој млад човек на почетокот, кога почнала да размислува која ќе биде нејзината професија, сакала да биде лекар, меѓутоа како млада тинајџерка, читајќи ги делата на Достоевски, посакала да биде психолог и да навлезе во тајните на психата на луѓето.

Нејзиниот сон бил еден ден да држи предавање на Универзитетот во Ломоносов, Москва.

По „освојувањето“ на  Универзитетот Харвард во Бостон, САД, пред две години, каде што ѝ беше усвоен научен труд, таа во јули оваа година учествуваше на 16 конгрес на психолозите од Европа, каде го презентираше својот најнов научен труд на Унивезритетот Ломоносов во Москва.  

На Конгресот, кој од 1 до 5 јули се одржа на Московскиот државен универзитет Ломоносов, учествуваа преку 2.500 психолози од 83 земји од Европа и светот: Русија, САД, Германија, Турција, Кина, Италија, Шпанија, Индонезија, Австралија, Бразил…

На овој најголем научен собир за психолози, не само во Европа, туку и во светот, Македонија со свој научен труд  ја претставуваше единствениот претставник, психологот од Битола, Младеновска – Димитровска.

Научниот труд, кој е од областа на социјалната психологија, претставува опсежно истражување на Марија Младеновска – Димитровска за „Поврзаноста помеѓу авторитарноста, национализмот, етничката дистанца и прифаќањето на антидемократските вредности кај младите”.

Димитровска во својот научен труд ја испитуваше изразеноста на авторитарноста како димензија на личноста кај младите и нејзината поврзаност со прифаќањето на националистички ставови и систем на вредности, како и антидемократското однесување и манифестирање на етничка дистанца кон припадниците на другите етнички заедници.

Истржувањето беше спроведно на 240 испитаници од средношколската популација.

Марија Младеновска- Димитровска е магистер по психологија и работи како стручен соработник  во средното училиште „Таки Даскало” во Битола.

Претходно Марија Младеновска – Димитровска, која има објавено голем број научни трудови, имаше свој научен труд и на Харвард Унивезритетот во Бостон, САД.

– Во денешно време посебно важна улога има психологијата, бидејќи социјалните мрежи наместо да ги зближат луѓето уште повеќе ги оддалечија и младите се среќаваат со големи проблеми и фрустрации предизвикани од тоа што се, што го гледаат на социјалните мрежи и тоа што сакаат да бидат. Добивањето на четвртоноемвриската награда за мене преставува не само голем успех, туку и огромно признание од градот Битола, кој неизмерно го сакам што сигурно ќе ме мотивира и во иднина со уште поголем елан да се посветам на психологијата, која не само што е наука на сегашноста, туку и на иднината – вели Марија Младеновска- Димитровска, која по успехот во Ломоносов доби неколку мошне прималиви понуди за докторски студии во Шпанија, Италија и САД.

М.М.