Манастирот Пресвета Богородица Пречиста утре го слави својот патрон, Рождество на Пресвета Богородица или Мала Богородица, еден од дванаесетте најголеми празници во православието. По тој повод манастирот со името на Мајката Божја, вечерва и утре ќе го посетат голем број на верници од Кичево и соседните градови, а повеќето од нив го даруваат манастирот за здравје и среќа, дури поединци манастирот го даруваат и со жив добиток.

Почетокот на одбележувањето на големиот празник ќе се случи вечерва со одржувањето на вечерната богослужба, што ќе ја отслужи архимандритот Партениј во сослужение на повеќе свештеници од оваа епархија. Утре, на големиот празник Мала Богородица, во 7.30 часот ќе се одржи утрена богослужба, додека во 9 часот ќе биде отслужена Света архиерејска литургија со која ќе чиноначалствува митрополитот Агатангел, во сослужение на повеќе архиереи и свештеници од Дебарско-Кичевската епархија.

Традиционално за овој ден кумот на манастирот ќе подготви вечера и ручек за верниците присутни во манастирскиот комплекс и секоја година за Мала Богородица се избира нов кум на манастирот, кој ќе му служи на овој православен храм во наредните 12 месеци.

З.А.