- „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
- „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.
Босилово
Општина Босилово на неодамнешните локални избори за градоначалник го доби Ристо Манчев, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“.
Во своите приоритетни проекти, тој истакна дека ќе посвети сериозно внимание на спортот, културата, образованието и екологијата. Како приоритети тој ги издвои решавањето на проблемот со водоснабдувањето, дивите депонии и јавната хигиена и подобрување на патната инфраструктурата во општината. Општина Босилово е општина со 16 населени места, односно околу 14.300 жители, а како што нагласи Манчев, не е изградена канализациска мрежа во ниту едно населено место. Еден од приоритетите, ќе биде токму започнување со процесот на изградба на канализациска мрежа.
Советот на Општина Босилово го сочинуваат 15 члена, од кои осум се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, шест се од СДСМ и коалицијата и еден од листата на активисти против изградба на рудникот Иловица-Штука – „Стига е“.
Босилово се наоѓа во југоисточниот дел на Македонија, во средишниот дел на Струмичката Котлина. Низ селото поминува патот Струмица – Ново Село. Од најблискиот град Струмица е оддалечено 15 километри. Од десната страна на селото поминува реката Струмица, додека над селото поминува реката Турија, која се влева во реката Струмица кај селото Турново.
Крива Паланка
Кандидатот за градоначалник на СДСМ, Сашко Митовски, ја доби довербата од жителите на Крива Паланка, со што во следните четири години токму тој ќе ја предводи оваа општина.
Како што истакна тој за „Нова Македонија“, во следните четири години Крива Паланка ќе се гради, но плански, со заштита на јавниот интерес. Како што нагласи Митовски, ќе се изгради туристичко-рекреативен центар „Калин Камен“. Приоритет ќе биде и гасификацијата на градот, со што ќе се придонесе и за развој на пазарот и стопанството, намалување на трошоците за енергија и зголемување на енергетската ефикасност.
Еден од клучните проекти на кој исто така ќе се работи е регулација на Дурачка Река, за зголемување на безбедноста на жителите при излевањето на реката и изградба на пристапен пат, со што истовремено ќе се зголеми туристичката понуда на градот со пристап до локалитетот Станечки Водопади. За решавање на проблемот со сообраќајниот метеж, Митовски рече дека во центарот на градот ќе се гради монтажна катна гаража. Општината ќе добие повеќе детски урбани катчиња и многу нови зелени површини, уредени цветни локации, за убав и достоинствен живот за сите, а младите ќе ја имаат неговата безрезервна поддршка.
Советот на Општина Крива Паланка има 19 советници, од кои единаесет од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, предводена од СДСМ, седум советници од коалицијата „Обнова на Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и еден советник од коалицијата „Одлучно за промени“.
Од стопанството во Крива Паланка најразвиена е трговијата поради близината со бугарската граница и граничниот премин Деве Баир. Други развиени гранки се земјоделството (најмногу се одгледува компир, а во помала мера и пченка, пченица, јачмен, ’рж, овес и др.) и рударството (познати се рудниците „Тораница“ (за олово и цинк) и „Бентомак“). Во центарот на Крива Паланка постојат повеќе стари занаетчиски дуќани, како часовничари, казанџии, опинчари и други занаети, кои сѐ уште активно работат. Во центарот на градот работи и стоковна куќа, а на ридовите во близината на градот работат и повеќе пилани и сечи за огревно дрво и дрво за мебел.
Струга
На неодамнешните локални избори, стружани по четврти пат му ја дадоа довербата на кандидатот за градоначалник на ДУИ, Рамис Мерко.
Во разговорот со екипата на „Нова Македонија“, Мерко потенцираше дека има голем број приоритети, меѓу кои посебно внимание ќе посвети на продолжение на сите почнати проекти од претходните години и имплементација на четиригодишната програма, со посебен акцент на меѓуетничките односи. Тој нагласи дека ќе се работи на патна инфраструктура, како и на изградба на нови и проширување на старите линии за водоводна инфраструктура. Во следните четири години, тој ќе се посвети и на инвестирање во културата и спортот, помагање на социјалните случаи, ќе се инвестира во здравството, развојот на земјоделството и пчеларството, туризмот и, секако, помош за малите бизниси. Посебен акцент, како што истакна, ќе стави и на носење странски инвестиции и други помали проекти.
Советот во Општина Струга е составен од десет советници од ДУИ, седум од Алијанса за Албанците и Алтернатива, четири советници од СДСМ, пет од ВМРО-ДПМНЕ и еден од Беса.
Струга е еден од македонските бисери. Богата е со цркви, манастири, џамии, но и археолошки наоѓалишта. Најпозната е по реката Црн Дрим, која се влева во Охридско Езеро, по „Струшките вечери на поезијата“ и по преубавата чаршија. Во Струга се наоѓа и Спомен-домот на браќата Миладиновци.
Вевчани
Во следните четири години, Општина Вевчани ќе биде предводена од кандидатот за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“, Спасе Кочовски.
Во големиот број приоритети на кои ќе се посвети во неговиот четиригодишен мандат, Кочовски истакна дека негова стратегиска определба е создавање услови за долгорочен локален економски развој, економски силна општина за подобар животен стандард за сите граѓани. Како приоритетни проекти на Општина Вевчани, тој ги издвои донесувањето нов урбанистички план со цел изградба на мини-индустриска зона, привремено сместување, развој на угостителството и туризмот. Исто така тој ќе се посвети и на реконструкција на главните канали за наводнување, подобрување на инфраструктурата за пристап до земјоделско земјиште, создавање предуслови за развој на активен туризам, реконструкција на споменикот на природата Вевчански Извори и проширување на содржините. Кочовски потенцираше и дека ќе работи на креирање услови за развој на спортот во Општина Вевчани, како и донесување програма за финансирање проекти од локален интерес во културата во Општина Вевчани.
Советот на Општина Вевчани го сочинуваат пет члена од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и четири члена од редовите на СДСМ.
Вевчани е најпознат по Вевчанскиот карневал, кој се одржува секоја година на 13 и 14 јануари за христијанскиот празник Василица.
Поради изобилната понуда на природни убавини, како и карневалот, туризмот и угостителството се многу значајна стопанска гранка во сè поголем подем и пораст во Вевчани. Во близината на Вевчани се наоѓаат едни од најпознатите и најпосетени извори во Македонија, Вевчанските Извори. Тие се едни од поретките псевдопериодски сифонски врела во Македонија. Изворите се сместени на источните падини на планината Јабланица, кај селото Вевчани, на надморска височина од 900 метри. Главниот извор е сместен во отворот на пештера. На десетина метри подолу се наоѓаат неколку постојани извори, кои подземно комуницираат со главниот извор. Капацитетот на Вевчанските Извори во влажниот период од годината изнесува околу 1.500 литри во секунда.