Фото: Игор Бансколиев
  • „Македонија на дланка“ е биде проект за поддршка на развојот на локално ниво, со јавна евалуација и валоризација на идеи и нивна реализација, проект за презентирање, поттикнување, претставување планирани и реализирани дела, заедно со нивните носители, проект на дејствување и работа, проект на настојување за што подинамичен и рамномерен локален развој, проект на охрабрување и надеж!
  •  „Македонија на дланка“ е биде проект што генерира мотив за конкурентност, раст и развој на сите полиња од општественото живеење на локалната самоуправа, од економијата, стопанството, бизнисот, културата, спортот, заштитата на околината и природните ресурси, а сѐ во функција на нашите граѓани и како индивидуи, групи и како единствен колективитет, носител на севкупниот развој и просперитет на нашата држава и татковина.

Гостивар

По вторпат жителите на Гостивар, својата доверба за предводник на општината му ја дадоа на кандидатот за градоначалник од редовите на Алијанса за Албанците и Алтернатива, Арбен Таравари.
Тој во кратка изјава за екипата на „Нова Македонија“ истакна дека продолжува со работа како и досега, а посебно ја нагласи изградбата на регионалниот центар за аутизам. Таравари исто така најави дека жителите на Гостивар во следните четири години ќе добијат аквапарк, за кој веќе е распишан тендер, а истакна и дека ќе се реконструира градскиот фудбалски стадион, на кој ќе има посебни пристапни мостови за лицата со инвалидитет. Нагласи дека ќе се решат канализациските проблеми во општината, дека ќе работи на решавање на проблемите со уличните кучиња, а ќе се работи на реконструкција на училиштата со замена на фасадите. Тој истакна и дека тековно ќе се работи на решавање на другите проблеми, како и на реконструкција на улиците и бекатонските патеки од градот.
Советот во Општина Гостивар е составен од девет советници од ДУИ, десет од Алијанса за Албанците и Алтернатива, четворица од ВМРО-ДПМНЕ, тројца од ДПТМ, тројца од СДСМ, еден од Беса и еден советник од ДСР.
Гостивар претставува типична мултикултурна средина во која живеат речиси сите националности во Македонија. Тоа е град што со голема брзина се гради и станува еден од поубавите градови во Македонија. Познат е по многубројните занаетчиски дуќани.


Градско

Киро Нацков, кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, во следните четири години ќе ја предводи Општина Градско од градоначалничкото место.
Тој потенцира дека меѓу многубројните проекти, најмногу ќе се фокусира на младите, почнувајќи од воведување бесплатна градинка и бесплатен оброк за учениците од прво до петто одделение, а нагласи и дека ќе се стипендираат по еден студент, средношколец и основец.
Нацков исто така нагласи дека ќе изгради пазар во општината и капела, а најави и осветлување на влезот на селото Виничани, како и поправка и асфалтирање на самиот пат. Најави реконструкција на голем број улици во општината, како и подобрување на водоснабдувањето во сите населени места. Новоизбраниот градоначалник вети и поголема транспарентност во општината, со која жителите ќе бидат запознаени со сите активности на самата општина, како и поголема транспарентност во трошењето на средствата.
Деветте советници, колку што има Советот во Општината, доаѓаат од двете најголеми политички партии, и тоа пет се од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и четворица од СДСМ и коалицијата.
Градско е историски познато како значајна сообраќајна и трговска крстосница, не само за земјава туку и за поширокиот Балкански Регион. Тоа произлегува од неговата географска поставеност, која главно е рамничарскиот дел на средиштето на Македонија, распослано на двете страни на средното Повардарие. Низ него минуваат и се вкрстуваат значајни патни и железнички сообраќајни јазли, кои создаваат врска на северниот со јужниот дел на Балканот. Тука се наоѓа и винарската визба „Стоби“, една од најголемите и најсовремени новоизградени винарници во Македонија, со производство на висококвалитетни вина со пласман во земјава и на пазарите во странство.


Кичево

На неодамнешните локални избори, жителите на Кичево за свој градоначалник го одбраа Фатмир Дехари од редовите на ДУИ.
Како што истакна тој, помеѓу многубројните приоритети на кои ќе работи во следните четири години, се и целосна изградба на канализацијата во општината, изградба на плоштадот во централното градско подрачје на Кичево, како и изградба на улицата Борис Кидрич.
Советот во Општина Кичево е составен од еден советник од ЛДП, осум од ДУИ, седум од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца советници од СДСМ и коалицијата и тројца советници од група избирачи Агим Садику.
Кичево е град најпознат по возот „Ќирчо“. Првата железничка пруга што била изградена до Кичево е за време на Првата светска војна од страна на германските војски (Централните сили). Пругата била изградена од Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, па сѐ до Охрид. Нејзината примарна функција била достава на резерви за војските што се бореле на Македонскиот фронт. Нејзината функција продолжила и по војната. Паметник за тоа време е вовчето „Ќирчо“, познато и како Чајничето, кое денес стои кај железничката станица. Функцијата на пругата теснолинејка продолжила и во наредните децении, а патувањето по неа била вистинска атракција за тогашното население, иако траела долго за денешни услови. Кичево е еден од првите градови во Македонија (по линијата Скопје – Солун, 1878) што добил железничко поврзување.


Ранковце

Жителите на Општина Ранковце својата доверба на неодамнешните локални избори му ја дадоа на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, Борче Спасовски.
Како што истакна тој за „Нова Македонија“, има голем број приоритети од кои се обиде да издвои неколку. Меѓу нив се ефикасна и достапна администрација за сите граѓани на локално ниво, дигитализација на локалните услуги, како и унапредени, ефикасни и континуирани комунални услуги, со тенденција на поголем опфат на територијата на општината. Тој исто така нагласи дека ќе се фокусира и на создавање подобри и побезбедни услови за ефикасно образование на децата, како и најмладите, во што се вклучени реконструкции на училишта и изградба на градинки и детски игралишта. Спасовски нагласи дека ќе се залага за одржување на постојните и изградба на нови спортски капацитети, а исто така ќе работи на регулација и уредување на речните корита низ општината, како превентива од поплави и пожари. Доближување на примарната здравствена заштита до граѓаните, со интензивно залагање во соработка со Здравствениот дом во Крива Паланка за изнаоѓање можност за реконструкција и ставање во функција на амбулантата во Ранковце. Ќе се пренаменуваат објекти во пензионерски клубови и привлекување покрупни инвестиции преку централната власт – ТИРЗ Ранковце и изградба и уредување зелен пазар.
Советот на Општина Ранковце e составен од девет члена на советот, и тоа четворица советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“, четворица од коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ и еден советник од група избирачи – Дарко Спасовски.
Во Ранковце има многу старини и остатоци од разни културни и временски епохи. Познато е по тоа што јужно од селото, крај патот Крива Паланка – Куманово, е месноста Грански Дол, која е „скришно место“ помеѓу ридовите Суво Брдо, Бабунски Рид и Стар Камен и, според кажувањата, таму во земјата имало стари тули, ќерамиди, остатоци од некогашни ковачници, „скривници“, а во минатото таму се копало ноќе со надеж дека ќе се најде злато.