Кичевската коњица „Манастир Пресвета Богородица-Пречиста“ и годинава, по четврти пат ќе биде дел од „Илинденскиот марш“ кој ќе заврши на 2 август во Крушево, каде коњаниците треба да се приклучат на прославата на најголемиот македонски национален празник – Илинден.
11 коњаници од Кичево, Демир Хисар и Крушево маршот го започнаа утринава од манастирот „Пресвета Богородица-Пречиста“ каде претходно и ноќеваа. Во текот на својот пат тие ќе го посетат и родното село на Јордан Пиперката-Козица, ќе поминат кај Манастирот „Свети Илија“ на Илинска Планина, во славното Смилево, историското Прибилци и патот ќе го заврши на Мечки Камен во легендарното Крушево.
-Самостојната Кичевска коњица „Манастир Пресвета Богородица-Пречиста“ ќе ја сочинуваа 11 коњаници од кои 7 беа дел од оваа коњица и во претходните неколку години. Кичевската коњица своето патешествие го започна утринава од Манастирот „Света Пречиста“ каде по утрешата богослужба среќен пат ни посака јеромонахот Ќирил, по што беше избран војводата на коњицата од самите учесници, а тој за годинава е Христијан Мицкоски. Потоа се упативме кон Кичево преку селата Манастир Доленци и Србјани, а по пристигнувањето во градот се споивме со Мавровско-Реканската коњица и заедно ја посетивме црквата „Свети Петар и Павле“ во Кичево, по што го продолживме патот до селото Козица, каде што ќе ноќеваме и каде ќе биде организирана комитска вечер, а ќе го посетиме домот на големиот војвода Јордан Пиперката. Следната ден ќе ноќеваме во Манастирот„ Свети Илија“ на Илинска Планина, потоа во Смилево, Прибилци и на крај во Крушево. Во сите места каде што ќе ноќеваме ќе биде организирана комитска вечер, а попатно ќе бидеме дочекани и од жителите во селата каде што ќе поминуваме – истакна Станоја Станојоски, еден од основоположниците на самостојната Кичевска коњица.
З.А.