Кичево

Шеста година едноподруго, далеку од родната земја, кинеските работници од компанијата „Синохидро“, главен изведувач на автопатот Кичево – Охрид, Кинеската нова година ќе ја пречекаат во работничката населба во селото Извор. Со специјалитети карактеристични за својата кујна, со телевизиска програма од родната земја и со неизбежниот огномет тие ќе ја пречекаат годината на глушецот.

– Иако повеќето кинески работници од нашата компанија се во родната земја, сепак преостанатите подготовки за највеселата ноќ ги започнаа на почетокот од оваа недела, со набавка на намирници за приготвување специјалитети за пречек на годината на глушецот. Иако традицијата вели дека за Кинеската нова година тие практикуваат да бидат со најблиските, сепак некои од нив се тука во населбата во селото Извор, каде што престојуваат веќе шест години. Во изминатите години имавме можност да научиме што е најмногу присутно на трпезата кај работниците од далечната Кина. Така и овој пат новогодишната трпеза ќе изобилува со многу овошје и зеленчук, пикантни јадења и неизбежното пилешко, говедско и свинско месо, до јагнешко месо со мед, пикантни колбаси и понекоја риба. Покрај преостанатите пијалаци, тука е застапена и неизбежната традиционална кинеска ракија, гуштеровина, а вечерата ќе ја заокружат со торти и кремасти десерти – велат вработените од „Синохидро“, кои имаат можност често за Кинеската нова година да бидат со кинеските работници.

Самите работници од далечната Кина велат дека дружбата ги чини да бидат помалку носталгични, бидејќи сите тие се далеку од дома и ги делат истите проблеми, па затоа им е многу полесно кога ќе седнат на заедничка трпеза и во друштво ќе ја пречекаат и највеселата ноќ.