Некогаш беше едно од најпопуларните моторни возила во земјава и доминантно на патиштата во тогашната држава. Но како се менуваше времето така популарното „Фиќо“ им го отстапуваше местото на многу посовремените, побрзи и поконфорни моторни возила од запад. Но така не мислеше и кичевчанецот Стево, кој повеќе од четири децении е неразделен од ова возило, и како што вели и самиот, ќе го чува се додека е употребливо и додека е незаменливо за кратки релации, како што е превоз до родното село или соседните градови.
– „Фиќото“ го купив пред повеќе од четири децении од еден жител на Скопје, кој беше воедно и негов прв газда и оттогаш со мали поправки не знае за доста а веќе наполни 50 години од кога е произведено. Чинам дека ова возило ми е навика и од истото никогаш не можам да се разделам и да се откажам за никакви пари. Има безброј убави предности, иако е во години, никогаш не ме оставило на пат, има мала потрошувачка на гориво и поради својот габарит е погодно за паркирање на секакви локации. Фиќото и кога ќе престане да ме служи ќе го чувам кај себе, да ме потсетува на времињата минати и на сите патувања на кои ми беше незаменлив другар – вели Стево, кој додава дека фиќото само еднаш е префарбано, додека каросеријата и моторот не се чепнати и се оригинални од времето кога излегло од производство.
На разделбата кажа дека сигурно не е најубавото ниту најкомфорното, но за него е најпосакуваното возило и дека не би сакал да го замени за ниедно од поновите генерации. Така потсетува овој носталгичар на времето поминато со своето „Фиќо“. З.А.