Кризниот штаб советува задолжително носење маски и ракавици

Берово

Зелениот пазар во Берово од утре повторно ќе почне со работа, меѓутоа исклучиво за земјоделски производи, а задолжително е носење заштитни маски и ракавици, како за продавачите на тезгите така и за посетителите на пазарот. Тезгите ќе бидат распределени, додека посетителите ќе мора да се придржуваат до препораките за растојание. На двата влеза на пазарот ќе има редари, кои ќе внимаваат дали ќе се следат насоките. Ова е само еден од заклучоците на координативниот кризен штаб на Општина Берово, кој откако заседаваше донесе и низа други мерки.

– Уличните препродавачи на градинарски производи немаат дозвола за вршење таква дејност на територијата на општината Берово, секое диво, улично препродавање е недозволено и ќе биде контролирано и соодветно санкционирано од инспекциски служби. Сопствениците на објекти што се користат за комерцијално сместување на туристи најљубезно се замолуваат да се придржуваат кон заклучоците од претходниот состанок на кризниот штаб, односно да се воздржат од комерцијално сместување периодов – советуваат надлежните од Општина Берово.

Тие информираат дека дозволи за движење на нерегистрираните сточари ќе се издаваат за подолг временски период, односно сите оние што немаат регистрирани стопанства, а имаат потреба да се движат за време на полицискиот час, потребно е да достават барање до Општина Берово и во него да наведат кој, со лични податоци од лична карта, во кое време од полицискиот час, со кое возило, неговите регистарски таблички, и во кои денови ќе има потреба да се движи и на која територија.
Барањата се доставуваат од понеделник до петок, најдоцна до 13.30 часот, во просториите на Општина Берово.