Битола

Општина Битола ја воведе платформата „Домашна училница“, а заинтересираноста за нејзино користење континуирано расте. Досега се објавени над 450 содржини од 18 училишта во Општина Битола, поединечно по одделенија и наставни предмети. Платформата вчера напладне имаше над 12.900 посети. Ова покажува дека наставниците, професорите и учениците ја користат платформата за да се овозможи достапност на наставниот материјал, а понатаму да се создаде и можност за меѓусебно поврзување и комуницирање помеѓу наставниците и учениците.
– За наставните содржини, наставниците изработуваат видеопрезентации, пауерпоинт-презентации или видеоквизови, а во дел од нив, учениците се повикуваат своите одговори, прашања и мислења да им ги испраќаат на наставниците.

Некои наставници веќе воспоставија и други електронски форми на поврзување со своите ученици, со што им се овозможува активност на учениците, но и надоместување на пропуштената настава во овој период, додека трае состојбата што е последица на корона вирусот. На овој начин, преку општинската веб-страница и платформата „Домашна училница“, секој ученик може да има пристап до објавената наставна единица, а понатамошната соработка продолжува во зависност од можностите и на наставниците и на учениците.

Платформата „Домашна училница“ е креирана во соработка со директорите на основните и средните училишта, кои се во надлежност на локалната самоуправа. Содржините се поставуваат од тим на вработени лица во Општина Битола, благодарение на соработката и активното учество на наставниците и професорите. И во овие услови на вонредна состојба, платформата континуирано се надградува и се прават напори таа да е што подостапна и корисна за учениците.