Претставници на Движењето Еко-Герила од Тетово на прес конференција соопштија дека во изминатиот период им биле праќани пораки, со цел како што велат да не реагираат за Југохром. Тие не објавија од кого ги добиле пораките.

-Во изминатите денови различни поединци ни испраќаа пораки заедно со финансиски понуди со цел да ја замолчат Еко Герила и истата да не реагира за Југохром. За ова е известена полицијата и денес баравме директна средба со премиерот Зоран Заев за да го информираме за овие закани и уцени. Исто така, информацијата ќе ја споделиме и со амбасадите и организациите кои не поддржаа во нашата мисија за почиста животна средина, како и институциите на Европската Унија во Брисел, кои на нашата држава и поставија услови за започнување на преговорите: правната реформа, борбата против корупцијата и организираниот криминал и функционирањето на владеењето на правото-рече Аријанит Џафери од Еко Герила.

Тие велат дека имале уште поголеми предизвици со претходната влада, па нема да се повлекуваат и сега.

-Каузата на Еко-Герила никогаш не зависела од неколку поединци, туку од волјата и големата поддршка на граѓаните. Валканите игри со мафијашки тенденции, не само што нема да нè спречат, туку напротив, само нè мотивираат да не се откажуваме од нашата мисија. Граѓанската реакција ќе биде многу оштра за секоја уцена од Југохром или од одредени кругови во Владата, рече Џафери.

Според Еко Герила со оглед дека во 2013 година, од страна на Светската здравствена организација, Тетово беше рангиран како најзагадениот град во Европа, не смее да се толерира работење на Југохром без филтри.

А.С.