Врнежите од дожд што беа присутни во земјава овој викенд, не беа доволни за излевање на реките во кичевско-бродскиот регион. Добро е што не се повтори проблемот од претходно, што предизвика нивно излевање на над 150 хектари ливади, ниви и овоштарници, а од дел од поплавените површини се уште не е целосно повлечена водата.
Од службите задолжени за следење на состојбите со водотеците, информациите велат, дека сепак овој дождовен бран бил нешто помал и пократок, поради што нема излевање на реките, особено не на Треска.
– Врнежите од дожд кои беа присутни во нашиот регион претходните два дена, не предизвикаа поголеми проблеми со водотеците, бидејќи нивото на реките беше под границата за излевање Така денешниот максимум на река Треска изнесуваше 90 сантиметри. што е далеку од котата 120, која се смета за критична за излевање на најголемата река во регионот, за разлика од претходниот викенд кога поплави поголеми површини ливади, ораници и овоштарници и беше далеку над критичната кота. Новите врнежи од дожд придонесоа нивото на езерото Козјак да порасне за дополнителен половина метар, откако преходниот викенд забележа пораст на нивото од еден метар, што е далеку од нормалниот водостој кој е спуштен за цели 30 метри – вели Миле Стојкоски, од РЦУК Македонски Брод. З.А.