Во организација на ПСД „Бистра“, ПЕД „Ендорфини“ и извидничкиот одред „Мирко Милески“, сите од Кичево, по дваесет и трети пат беше организиран Меморијалниот планинарски марш „Цвеќе за Рацин“, како потсетување на денот кога пред 76 години на планината Лопушник во месноста Јама, загинал нашиот поет и револуционер Коста Солев Рацин.
На овој марш учествуваа повеќе десетици планинари и доброволци од сите генерации и на кој покрај локалните планинари зедоа учество и членови од планинарските друштва од Битола и од Охрид.
– По дваесет и трет пат го организиравме Меморијалниот планинарски марш „Цвеќе за Рацин“. На годинешниот планинарски марш, покрај членовите на планинарските друштва од нашиот град, учествуваа и извидници од Кичево и членови на планинарски друштва од Битола и Охрид. Почетна станица на овој марш беше село Извор, од каде по маркирана патека тргнавме до споменикот на Рацин и до месноста каде што се случила неговата погибија. Патот нѐ водеше по секакви терени од шумски пат до козји патеки и низ букова шума и за цело време се насладувавме од прекрасната природа и пејсажите кои се укажуваа пред нашите очи. После четири часа пешачење стигнавме до врвот Стог, каде го посетивме споменикот на Коста Рацин и каде положивме букети свежо цвеќе. Потоа го посетивме и локалитетот во месноста Јама, каде на 13 јуни 1943 година загинал големиот македонски поет и револуционер и каде наши планинари читаа песни од Рацин а имаше и кратко обраќање околу настанот од тоа време – рече Зоран Јованоски, секретар на ПСД „Бистра“ од Кичево.
Инаку за истакнување е што двајца членови на ПСД „Бистра“ Кичево, Сашо Божиноски и Кочо Кочоски, биле ученици на сите 23 досегашни меморијални планинарски маршеви на Лопушник. Во тие маршеви, како што самите истакнуваат, се дружеле со голем број планинари од целата земја, имале разни случки, невереме и големи горештини, но никогаш не помислиле да се откажат од оваа традиција која, според нив, ќе трае со децении.