Советот на Битола деновиве донесе одлука да набави неколку екоавтобуси од сопствени средства

Битола

Наскоро Битола ќе почне практично да ја реализира идејата за формирање јавно претпријатие за автобуски превоз на учениците и на граѓаните. На овој начин Општина Битола планира конечно да им стави крај на проблемите со „бесплатниот превоз“ на учениците, кој и натаму ѝ создава големи проблеми на локалната самоуправа и кој Битола во изминатите неколку години ја чинеше мошне скапо.
Оваа иницијатива, која неодамна беше промовирана од првиот човек на Советот на Битола, Валентин Груевски, ќе се реализира заедно со соседните општини Новаци и Могила.
– Очекувам дека наскоро ќе донесеме одлука за воспоставување една меѓуопштинска соработка меѓу општините Битола, Новаци и Могила, со која ќе се почне процедура за формирање меѓуопштинско јавно претпријатие за превоз, во кое трите општини ќе ги здружат средствата за превоз и ќе формираме претпријатие што ќе врши превоз на учениците, а потоа и за сите заинтересирани што би ги користеле услугите на ова јавно претпријатие. Ова ќе биде меѓуопштинско регионално претпријатие – вели претседателот на Советот, Валентин Груевски.

За реализацијата на оваа идеја, Општина Битола веќе презеде конкретни чекори. Имено, локалната самоуправа на Битола деновиве донесе одлука да набави неколку екоавтобуси со кои ќе бидат превезувани учениците. За таа намена од општинската каса ќе бидат издвоени еден милион евра. Иако првично се планираше екоавтобусите да бидат купени со користење средства од наменски кредит, сепак, на последната седница на Советот таквата одлука беше повлечена и Општината донесе одлука за набавка на автобусите од сопствени средства.
– Наместо средства од кредит, ќе користиме сопствени средства. Веќе е завршена набавката и во тек е испораката на два минибуса со околу 21 седиште, за уште два автобуса ќе биде за брзо распишана набавка и со ребалансот на буџетот ќе бидат обезбедени уште два минибуса. Целиот тој возен парк што ќе се направи ќе влезе во новото регионално јавно претпријатие за превоз за кое донесовме одлука. Значи не го користиме кредитот, туку ќе користиме сопствени средства и затоа ја повлекуваме одлуката за задолжување на Општина Битола, која ја донесовме како Совет – вели претседателот на Советот, Валентин Груевски.

Инаку кога станува збор за „бесплатниот“ автобуски превоз на учениците во Битола, тој не само што ни најмалку не беше „бесплатен“, туку и многу скапо го чинеше градот под Пелистер, кој од општинскиот буџет за исплата на фактурите на автобуските превозници и извршните решенија по нивните тужби исплати дури неколку милиони евра камати.
Со „бесплатниот“ превоз заглавија и првите луѓе на поранешното општинско раководство, поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески, кој неправосилно е осуден на осум години затвор и поранешниот секретар Слободан Бончановски, кој доби шест и пол години затворска казна, а на затворски казни од една до три години се осудени и десетина управители на автопревозни фирми што ги извршуваа услугите со „бесплатниот превоз“.

– Уште од првиот ден на стапувањето на функцијата градоначалник најтежок проблем со кој се соочував со години беше „бесплатниот“ автобуски превоз. Иако јас како професор по математика правев безброј математики, сепак, тешко може да се најде формула за превозот. Затоа одлучивме да купиме сопствени автобуси, со кои самите ќе го вршиме превозот на учениците, а и на граѓаните – вели градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.
Инаку, кога станува збор за превозот на учениците, Битола има обврска да ги превезува на свој трошок и учениците од соседните општини, кои одат во основно или во средно училиште во Битола, и поради нерешените прашања за превозот со Министерството за образование најчесто тој превоз беше на сметка на локалната самоуправа на Битола.