Освен за битолчани, тестови ќе се прават и за граѓаните на Ресен, Кичево и на Демир Хисар

Битола

Во моментот кога, како и другите градови во државата, и Битола почна да ги чувствува последиците од пандемијата на коронавирусот и кога битолчани почнаа секојдневно да занимаваат со тоа колку инфицирани и позитивни има од ковид-19 и што ќе покажат тестовите по испитувањето во некоја од лабораториите во Скопје, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, поведе иницијатива за потребите на Центарот за јавно здравје да се набави лабораторија за испитување на ковид-19.
За да се реализира практично нејзината иницијатива, веднаш беше закажана вонредна седница на Советот на Битола, која се одржа во најбрз можен рок. Советниците на сите политички партии не само што ја поддржаа иницијативата туку донесоа едногласна одлука од буџетот на општината да се издвојат 10.000 евра за опремување на лабораторијата за молекуларна дијагностика, единствена од ваков вид во државата за испитување на ковид-19.

Неколку дена подоцна иницијативата на градоначалничката Петровска наиде на голема поддршка и од германскиот гигант „Кромберг и Шуберт“, кој за набавка на лабораторијата донира 30.000 евра, или нешто повеќе од 1.800.000 денари. Потоа следуваа донации и од други донатори, кои отворено ја поддржаа иницијативата на градоначалничката за комплетирање на лабораторијата за молекуларна дијагностика во Центарот за јавно здравје во Битола, чија вредност изнесува над 80.000 евра. Два месеца подоцна, од почнувањето на иницијативата, Центарот за јавно здравје во Битола доби модерна и современа лабораторија за испитување на ковид-19, која деновиве беше ставена во употреба.
Од пред неколку дена не само битолчани туку и граѓаните од другите соседни градови од регионот, Ресен, Демир Хисар, Кичево, охридско- струшкиот регион, не мора повеќе тестовите да ги чекаат да пристигнат од Скопје, туку може да ги добијат истиот ден од лабораторијата во Центарот за јавно здравје во Битола.

Лабораторијата за молекуларна микробиологија при ЈЗУ Центар за јавно здравје – Битола е изградена по сите светски стандарди и стандардите на Светската здравствена организација. Тоа деновиве го потврди стручна комисија назначена од Министерството за здравство, која откако направи увид и процена на исполнувањето на стандардите според СЗО, даде дозвола за работа. Со тоа лабораторијата стана дел од Националната мрежа на лаборатории што тестираат на сарс КоВ-2 и споделуваат податоци со Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и со Мој термин.
Капацитетот на лабораторијата е 50 теста дневно, но во најскоро време се планира да се зголеми за испитувањето на многу поголем број граѓани.
– Отворањето на лабораторијата е голем успех за нас како Центар за јавно здравје. Да бидам искрена, доколку не беа иницијативата на градоначалничката и помошта од другите донатори, а пред сѐ од германската компанија „Кромберг и Шуберт“, ние самите со наши средства, и покрај огромната желба, немаше да ја доизградиме и опремиме лабораторијата.

Иако во опремувањето на лабораторијата свој придонес, покрај Општината, дадоа и други донатори, сепак без донацијата на фабриката „Кромберг и Шуберт“, која набави апарат во вредност од 30.000 евра, лабораторијата ние немаше да ја опремиме, бидејќи само финансискиот дел достигна 80.000 евра. Центарот за јавно здравје во Битола е регионален центар и ги покрива општините Битола, Ресен, Кичево и Демир Хисар. Со набавката на лабораторијата, сега можеме квалитетно и за многу кратко време да ги правиме испитувањата и да ги добиеме резултатите. Повеќе не мора тестовите да ги праќаме во Скопје и да ги чекаме да се вратат оттаму. Засега тестови, освен за граѓаните на Битола, ќе се прават и за граѓаните на Ресен, Кичево и Демир Хисар, а планираме наскоро да прераснеме во регионален центар, што значи дека испитувањето на тестовите ќе се прават и за граѓаните на Прилеп и на Охрид. Имаме стручен кадар со два тима, двајца доктори и четири лаборанти, кои ќе работаат во смени. Почнуваме со капацитет од 50 тестирања и со можност во иднина да го зголемиме – рече директорката на Центарот за јавно здравје во Битола, Елизабета Крстевска.

Очигледно (пре)задоволна од реализацијата на нејзината благородна иницијатива и идеја и успешното заокружување на проектот Битола да добие современа лабораторија за испитување на ковид-19, градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, нагласува дека изградбата и функционирањето на лабораторијата се уште еден доказ дека може да се направат сериозни поместувања кога бизнис-заедницата и локалната самоуправа дејствуваат синхронизирано.
– Кога се соочуваме со пандемија, во исклучително сензитивен период ја изградивме и отворивме оваа лабораторија, која е од исклучително значење за Битола, но и за целиот регион, зашто навременото согледување на ситуацијата и здравствената состојба е најдобрата превентива за да нема загрозување на други граѓани. Со самото тоа што овде ќе се изработуваат тестовите и ќе се добиваат резултатите, побрзо ќе ја имаме и севкупната слика на можни заболени од ковид-19 на локално ниво – рече Петровска.

Заменик-министерот за локална самоуправа Дејан Павлески, кој присуствуваше на отворањето на регионалниот центар за тестирање на ковид-19, ја посочи важноста на лабораторијата, со оглед на фактот дека, како што стојат работите на светско ниво, повеќе од очигледно е дека пандемијата ќе потрае подолг период.
– Во изминатиот период и централната и локалните власти покажаа навистина една висока одговорност во однос на заштитата на здравјето на граѓаните и вакви иницијативи ќе има сѐ повеќе во иднина, бидејќи се од јавен интерес и од огромно значење за граѓаните – нагласи Павлески.
Изградбата на лабораторијата ја поздрави и министерот за здравство Венко Филипче, кој деновиве имаше можност да го посети Центарот за јавно здравје во Битола и да се запознае со тоа како изгледа лабораторијата.

– Мошне е добро што од почетокот на оваа недела е ставена во функција и лабораторијата во рамките на Центарот за јавно здравје, која сега ќе прави анализа за вирусот. Досега брисевите беа праќани во лабораторијата на МАНУ. Оваа лабораторија е значајна придобивка, затоа што ќе може да опслужи поголем број граѓани – рече Филипче.
Сега, кога Центарот за јавно здравје во Битола доби сопствена лабораторија за тестирање, битолчани полесно дишат, бидејки ќе можат тестовите да ги прават во Битола и многу побрзо да ги добиваат резултатите.
Но од Центарот за јавно здравје, како и од Општинскиот кризен штаб предупредуваат дека најдобра заштита од пандемијата од коронавирусот е почитување на мерките за (само)заштита, носење маски, држење дистанца и избегнување масовни собирања, како и редовно дезинфицирање и миење на рацете.