ОПшТИНА ЦЕНТАР
Откако „Шанса за Центар“ објави дека почнува со собирање потписи како граѓанска иницијатива што ја предводи поранешната претседателка на Советот на Општина Центар, Јана Белчева-Андреевска, и од каде што меѓу многуте заложби нагласија дека нема повеќе носење планови за општината зад затворени врати, со свој став се огласи и градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.
– Во врска со завчерашната иницијатива од поранешната претседателка на Советот на Општина Центар, Јана Белчева Андреевска, која и беше носител на советничката листа на СДСМ и коалицијата на локалните избори во 2017-та, сакам да посочам дека во изминатиот период од три години како претседател на Советот, Јана Белчева Андреевска секогаш ја имаше и мојата и поддршката од мнозинството советници – истакна тој.
Тој го потенцира „мораториумот“ на ДУП-овите, за кој вели дека бил транспарентно донесен и со кој беа сменети девет детални урбанистички планови, со што се отстраниле објекти што требало да се градат, а на нивно место Општината направиле градинки, доградби на училишта, детски игралишта и зеленило.
– Во една од изјавите, Белчева вели дека Центар не треба да биде централен паркинг – да, тоа е и пораката на кампањата „Центар не е паркинг“ на ЈП ПОЦ и Општина Центар и тоа веќе се спроведува на терен. Еден од главните примери дека Центар ги ослободува тротоарите за пешаци и велосипедисти, а слободните паркинг-места ги пренаменува во резиденти е улицата Орце Николов, по ист таков пример ќе се реконструираат и улиците Ленинова и Мирослав Крлежа, но и сите други улици што имаат простор и капацитет за тоа. Општина Центар е единствената општина што ја презема во своја надлежност и урбаната опрема, а во изминатиот период со инспекциските служби успеавме да отстраниме неколку нелегални тераси, за кои претходно некој имал издадено одобрение. Ние продолжуваме со заложбите за воведување ред во урбанизмот и урбаниот хаос, но сепак не ја разбираме причината зошто Белчева Андреевска се повлече од тие битки, најверојатно тоа се лични причини – истакна Богдановиќ.