Наскоро ќе започнат со работа детските градинки во Кичево, но под одредени протоколи пропишани од Владата и ресорното министерство. Детските градинки ги прават завршните подготовки пред скорешниот рестарт на нивните установи, кога во градинките треба да се вратат најмалите. Се планираат сите детали за да се избегне евентуална зараза на некое од дечињата со ковид-19.
– Ги преземаме сите мерки за целосно да се испочитуваат протоколите. Ќе биде намален бројот на децата што ќе се вратат во градинките, споредено со претходниот период. Тоа значи дека околу 60 проценти од децата ќе може да се вратат во градинките.
Изборот на деца ќе се изврши според однапред поставени критериуми, а предност ќе имаат децата чии родители и двајцата одат на работа и за цело работно време мора да бидат на работното место надвор од домот, а вториот критериум е децата да се од самохрани родители што одат на работа и чие работно место, исто така, бара да бидат надвор од домот – вели директорот Садик Ахмеди.
Градинките се дезинфицирани. При влез на децата ќе им се мери температура и ако е повисока од 37 степени, тие ќе бидат вратени дома.
Пред влезовите на градинките ќе бидат поставени и корита со дезинфекциски средства, каде што децата треба да поминат за да влезат во градинката.
– За да ја подобриме безбедноста на објектите во сите детски градинки, поставивме видеонадзор и кога градинките работат и кога се празни. Сите сме целосно фокусирани на повторното отворање на градинките, а главна грижа ни е одржувањето на дисциплината и хигиената од сите вработени и од децата – додаде Ахмеди.