ПРИЛЕП

Иницијативата „Екосвест“ од Прилеп на 24 април (сабота) ќе спроведе голема екоакција за чистење на излетничката локација во околината на Прилепско Езеро. Целта на акцијата е да ги обедини сите еколошки свесни поединци и групи што сакаат почиста и поздрава животна средина. На овој начин би се подобрил квалитетот на животната средина и би се вратил сјајот на оваа омилена рекреативна локација во околината на Прилеп.
„Екосвест“ е граѓанска иницијатива што се обидува да инспирира за почиста и поздрава животна средина преку спроведување екоакции и поттикнување одржлив локален развој. Таа е непартиска, невладина и неполитичка организација, чие формирање и функционирање се одвиваат преку споделување идеи на социјалните мрежи. Ова е трета еколошка акција на „Екосвест“ во околината на Прилеп, по успешно спроведените еколошки акции на локациите Маркови кули и во околината на манастирскиот комплекс „Св. Димитрија“ во селото Селце.
Екоакциите наидуваат на голема поддршка од страна на граѓаните, кои сѐ помасовно се вклучуваат во чистење на омилените излетнички локации на прилепчани. Иницијаторите се надеваат дека на овој начин ќе се издигне свеста за почиста и поздрава животна средина, особено меѓу младите, кои се носители на идниот одржлив развој. Kа.М.