ГЕВГЕЛИЈА

Од пристигнатите 80 предлози на граѓаните на веб-платформата што ја креираше Општина Гевгелија за учество во креирањето на буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година, најголем дел од нив се однесува на подобрување на патната инфраструктура. Граѓаните бараат асфалтирање и бетонирање улици и краци во населените места низ Општината.
Значително, поголем број од предлозите се однесуваат на прашања од областа на спортот, културата и младите, како: изградба на спортски сали, обновување на спортските игралишта и набавка на киноопрема. Помал дел од граѓаните учествуваше со предлози од областа на комуналната дејност, водовод и канализација, урбана опрема, паркови и зеленила, јавна чистота и од областа на образованието.
Како што истакна градоначалникот на Општина Гевгелија, Сашо Поцков, следуваат средби со претставниците на месните заедници, на кои ќе се детектираат приоритетите на жителите во населените места, со намера нивните предлози и идеи да бидат вметнати во програмите на буџетот на Општина Гевгелија за 2021 година и истите тие да се реализираат.
На седница на Советот ќе се разгледува нацрт-буџетот, а последната недела од декември членовите на Советот ќе го разгледуваат предлог-буџетот.
– Граѓаните од Општина Гевгелија, до крајот на месец декември, можат со своите предлози да придонесат во креирањето на буџетот, а нивните реални потреби да бидат опфатени во програмите на буџетот за 2021 година – велат во Општината.