Фото: Зоран Антоски

Вчера попладне во Кичево, по шести пат, се одржа Отворениот ден на мултикултурализмот. Многубројните присутни можеа да проследат културно- уметничка програма која ја сочинуваа македонски и албански ора, турска драма и влашки игри. Исто така, на присутните на овој настан им беа презентирани народните носии на сите етникуми што живеат во кичевската општина.

Фото: Зоран Антоски

На Отворениот ден беше извршена дегустација на храна својствена за сите етнички групи од овие простори, односно македонска, албанска, ромска, влашка, турска и српска. Можеше да се вкусат питулици од повеќе видови, ѓомлезе, турска баклава, шеќерпаре, слатки и солени колачи и торти, кифлички и разни печива.

Фото: Зоран Антоски

-Она што го планиравме за шестиот Отворен ден на мултикултурализмот во целост и го спроведовме. Ги презентиравме народните носии од сите етнички заедници, понудивме културно-забавна програма за сите вкусови, а завршницата на овој традиционален настан беше предвидена за дегустација на храна изработена од членовите на здружението „Вредит да си од Кичево“ и нивните помагатели. Добрата посета и разновидните содржини беа мамка за голем број граѓани на Кичево – истакна Јани Зердески, член на здружението „Вредит да си од Кичево“.

Фото: Зоран Антоски

Оваа манифестација беше помогната од страна на Општина Кичево, Центарот за култура „Кочо Рацин“ и Министерството за култура на РСМ.

З.А.