ГЕВГЕЛИЈА
Деновиве започна реализацијата на културната програма во рамките на годинешниот 13. регионален „Бош фестивал“. Во организација на здружението „Арт еквилибриум“, а поради ковид-пандемијата и насоките на Министерството за култура за неговото одржување, активностите од дводневната програма ќе се реализираат без физичко присуство на публиката, односно ќе се пренесуваат во живо преку дигиталните платформи на Фејсбук и Јутјуб и преку веб-страницата на „Бош“ (http://boshfest.com/).
– Имено, овој пат екипата на „Бош фестивал“ беше исправена пред еден огромен предизвик, односно и покрај ограничувањата за физичко присуство, преку комбинирање и користење на дигиталните алатки, да обезбеди квалитетна програма и во еден поинаков дигитален формат да го доближи творештвото на современите автори до публиката. Во рамките на дводневната програма ќе бидат прикажани пет изложби, два концерта, два диџеј-сета, селекција на кратки филмови од македонски автори, селекција на анимации од „Флипбук филм-фестивал“, видеоинсталации и прoмоција на мурал на авторката Мирјана Масети, кој ќе биде насликан на ракометното игралиште во Гевгелија – информираат од Општината.
Оттаму додаваат дека иако физички отсутен од Гевгелија, фестивалот го носи во себе уметничкиот дух на Гевгелија и гевгеличани.
Во визуелната програма ќе бидат претставени маестрални искусни автори од областа на стрипот и графиката, како Горан Дачев и Радован Поповиќ, но, исто така, е оставен простор и за претставување на младата уметничка сцена од регионот, односно Ана Трајковска, Кети Пренда и Радмила Гошевска. Во рамките на музичката програма ќе настапи извонредниот џез-состав „Сетстет“, а свој концерт ќе има и Ленхарт Тејпс, со исклучителен музички перформанс преку користење касетофони. Диџеј-сетовите се резервирани за крајот на програмата, и тоа Стефан Алиевиќ в петок и Ѓорѓи Јаневски за затворањето на фестивалот, в сабота. Дизајнот на плакатот за фестивалот и видеоинсталацијата за во саботното издание се на Филип Митров, а сценографија на Велимир Жерновски – велат од Општина Гевгелија.