Со свечена богослужба, Света божествена литургија и литија, Битола годинава ќе го одбележи Денот на заштитникот на градот, Свети Нектариј Битолски.
Свеченостите по повод одбележувањето на денот на заштитникот на градот, Св. Нектариј Битолски почнаа синоќа во соборниот храм „Свети Велико маченик Димитриј“, кога се одржа празнична вечерна богослужба, со која чиноначалствуваше, митрополитот преспанско-пелагониски г.г. Петар.
Празнувањето продолжи утринава со утринска богослужба, се отслужи Света божествената литургија, по што од храмот „Свети Великомаченик Димитриј“, подоцна тргна свечена литија со моштите на Свети Агатангел Битолски.
Општина Битола, оваа година со цел поттикнување на хуманоста и градењето високи вредности за создавање успешни генерации, во одбележувањето на Денот на заштитникот на градот се вклучува и со хуманитарни активности за лицата на кои тоа им е најпотребно, но воведува и нов пристап во насока на поттик за напредок на учениците од општината.
Во овој контекст, со почетокот на идната година ќе биде објавен јавен повик со утврдени критериуми, врз основа на кои, на Денот на заштитникот на градот, ќе им се доделуваат парични награди на талентираните ученици, кои постигнале високи резултати во изминатата учебна година, согласно условите кои ќе бидат наведени во повикот. Со ова, општината ќе делува стимулативно на учениците, истовремено насочувајќи ги кон позитивни вредности и напредок. Ваквиот нов концепт се воведува и по барање на граѓаните на отворениот ден за граѓани, кој неодамна беше организиран од страна на локалната самоуправа.
М.М.