Алармантна штедрост на изворот Студенчица

Полугодишната суша со премалку врнежи од дожд и снег, придонесе водотеците во земјава да бидат многу сиромашни со вода и да бележат негативни рекорди. Во тој поглед не се исклучок и реките кои своите изворишта ги имаат во кичевско како, Треска, Студенчица и Беличка река.

Инаку Студенчица константно бележела мали осцилации во штедроста независно од хидролошката состојба во регионот количествата на дожд и снег, сепак годинава долготрајната суша негативно се одрази и врз овој извор, кој со вода за пиење ги снабдува жителите од пет општини: Кичево, Прилеп, Брод, Крушево и Долнени или над 160.000 жители.

-Откако во текот на летото, есента и дел од зимата врнежите од дожд и снег беа исклучително мали, тоа придонесе изворот Студенчица да опаѓа и во периодот кога тоа не било случај, а се работи за зимските месеци, поточно за јануари. Така денес на изворот се измерени само 600 литри вода во секунда, што е најниска штедрост во последните дваесетина години. Од почекотот на оваа календарска година, поточно во овие дваесетина дена имаме намалување за околу 90 литри или просечно на ден од 5 до 6 литри. Снегот кој деновиве наврна во овој регион е доста сув и сметаме дека нема премногу да ја промени состојбата со изворот на Студенчица. Бидејќи деновиве се бележат многу ниски температури, потрошувачката на вода е нешто поголема и таа појава уште повеќе ја услужнува состојбата, од можен недостаток на вода за пиење – истакна Гоце Наќески од ЈПВ „Студенчица“.

Наќески ни ги предочи и бројките од изминатите десеттина години кога штедроста на изворот Студенчица во овој период од годината никогаш не бил под 1000 литри, а во некои години се бележат и повеќе од 2000 литри вода во секунда, како во 2011 година.

-Дека состојбата со изворот Студенчица е се потешка, најдобра потврда се бројките од јануари во претходните десетина години. Така само за споредба во 2018 година во истиот период се измерени 1000 литри, 2017 се измерени 1200 литри, во 2016, 1350 литри, а најголемата штедрост е забележена во 2011 година кога имавме 2100 литри вода во секунда. Од расположливите количества на вода од изворот Студенчица, Кичево добива 140 литри, за РЕК „Осломеј“ и селата се упатуваат 100 литри, од кои 45 литри за комбинатот кој во моментов не работи, а останатите 55 литри се насочуваат кон селските населби, кон Прилеп, Брод, Долнени и Крушево се насочуваат 350 литри, од кои за градот Прилеп се наменети од 160 до 180 литри, додека преостанатите количества се насочуваат кон останатите водокорисници. Треба да бидеме оптимисти и треба да очекуваме, дека топењето на снегот во овој регион и новите врнежи од дожд и снег, состојбата значително да ја подобрат а ние да немаме никакви стравувања од нова водна криза – заврши Наќески.

З.А.