фото: Клиника за урологија

Универзитетската клиника за урологија денеска ја промовираше новата, целосно реновирана болничка инфраструктура. На настанот беше кажано дека ова е дел од широк инвестициски и реформски циклус, што опфаќа модернизација и унапредување на здравствените услуги, условите за работа и достојни услови за пациентите. Во присуство на директорот на Клиниката – Башким Шабани, претседателот на Владата – Христијан Мицкоски, министерот за здравство Азир Алиу, директорот на Фондот за здравствено осигурување – Сашо Клековски, заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи и заменик министерот за здравство Јовица Андовски, беше истакнато дека се зголемени медицинскиот тим, современите практики и хуманата грижа за пациентите.

Директорот д-р Башким Шабани истакна дека клиниката успешно реализирала низа проекти насочени кон подобрување на условите за работа, унапредување на медицинските услуги и подигнување на квалитетот на грижата за пациентите.

Тој потенцираше дека целосно е реновирано болничкото одделение со вкупна инвестиција од 300 илјади евра. Од оваа сума, 100 илјади евра биле обезбедени од фондовската сметка, 100 илјади преку донации, а останатите 100 илјади евра од сопствени средства на Клиниката.

Просториите се целосно трансформирани во современи болнички соби, уредени како апартмани. Секоја соба е опремена со нови болнички кревети, ЛЦД-телевизори, нови тоалети, клима-уреди и бактериолошки прочистувачи на воздух.

– За нас, овој проект не е само реновирање на болнички ѕидови – ова е реновирање на системот, на вредностите, на односот кон пациентите и професионалноста во здравството. Посветени сме да создадеме Клиника која нуди достоинствен престој, современо лекување и човечка грижа. Благодарен сум на целиот тим што застанавме зад овие промени, со заедничка посветеност. За помалку од една година, Клиниката за урологија стана пример, како со тимска работа и вистински вредности, може да се создаде модерен и ефикасен здравствен систем, достапен тука, дома – изјави директорот д-р Башким Шабани.

Медицинската експертиза на Клиниката има воведено и три нови хируршки техники.

– Во последната година, започнавме да имплантираме артифициелни уринарни сфинктери и да вградуваме пенилни протези – ригидни и семиригидни, а во финална фаза е и имплементацијата на третата, високо специјализирана метода – сакрална неуромодулација – истакна Шабани и додаде дека клиниката стана сертифициран центар за овие интервенции, кои досега беа достапни само во странство.

– Реновираната Клиника за урологија навистина изгледа импресивно. Со овој чекор сме поблиску до европското здравство и до квалитетот на услуги, кои треба да ги почувствуваат пациентите – изјави Мицкоски.

Покрај новите техники, клиниката отвори и просторија за полуинтензивно лекување, опремена со монитори за следење на виталните параметри, во која ќе се третираат потешките пациенти.