Собранието во рамките на денешната работа по дневниот ред на 48-та седница со 60 гласа „за“ и 21 „против“ го именува Ремзи Бајрами за претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС). Тој доаѓа на местото на Максуд Али кој беше разрешен со 58 гласа „за“ и 18 „против“.
Пратеничката Јованка Тренчевска од СДСМ во своето обраќање рече дека судбината на 600 илјади лица кои во следниот период треба да добиваат пензија треба да се стави во рацете на Ремзи Бајрами, кој не ги исполнува условите.
– Некој без експертиза и без знаење треба да одлучува за нивната судбина. За член на Советот може да биде избрано лице кое е експерт во областа на пензиското осигурување со работно искуство од најмалку пет години во областа на пензиското осигурување или во областа на финансиите. Кандидатот кој се предлага дипломирал во септември 2021 година и не го исполнува основниот услов за пет години работно искуство – рече Тренчевска.
Во реплика пратеникот Аднан Азизи од ВРЕДИ рече дека говорот на Тренчевска е политички мотивиран и нема ни еден аргумент и додаде дека Бајрами ги помина сите филтри во Владата и оти ги исполнува сите предвидени законски услови што може да се види од неговото Си-ви.
Јован Митрески од СДСМ посочи дека предлогот еднаш беше повлечен, а сега повторно се става на дневен ред иако предложениот кандидат не ги исполнува условите.
– Според закон треба да исполнува минимум пет години искуство во областа, а според дипломата што ја приложил во ЦВ-то, дипломирал во 2021 година со многу низок просек од 6,44, односно со 26 шестки од вкупно 31 предмет. Доставил и документ дека пред да дипломира вршел финансиски и сметководствени работи во приватна фирма Тајгер Шоп и Блек Тајгер Шоп, односно онлајн продавница. Сега ќе треба да се грижи за идните пензии – рече Митрески.
Побара да му најдат место кое му одговара, а не да го назначуваат на ова одговорно место.
Азизи во реплика посочи дека Бајрами има завршено два факултета од кои првиот го завршил во 2009 година. Истакна дека многу подобро ќе раководи од претходниот претседател Максуд Али.