Дојран
Општина Дојран преку ЈПСЈДП „Тауријан“ почна да ги нуди и реализира турите за прошетка на гости и посетители што престојуваат или имаат намера да го посетат ова туристичко место. Станува збор за три тури што им се нудат на организирани групи од минимум 10 члена, за кои јавното претпријатие им овозможува туристички водич и опрема.
Првата тура е по должината на Дојранско Езеро и е наречена ,,езерска“. Таа се практикува со електрични велосипеди и посетителите се движат од амфитеатарот до патеката од калдрма, со неколку точки на застанување, каде што ќе бидат информирани за езерото и неговиот биодиверзитет, а од стари и искусни рибари ќе дознаат за традиционалниот начин на рибарење во Дојран.
Втората тура е пешачка и е именувана како „културнo–историска“. Се почнува од црквата „Свети Илија“ и туристите се шетаат по патеките од калдрма до манастирот „Марија Магдалена“, па оттаму до Турската бања што се реставрираше, па до Саат-кулата и се завршува во природно-историскиот музеј, каде што посетителите може да видат историски експонати, но и богата флора и фауна од езерото.
Третата тура е целодневна, до фронтовската линија од Првата светска војна, за која интерес има од посетители од Англија, Бугарија и Србија преку туроператори. Оваа тура нуди можност за истражување на старите ровови и бункери, како и раскажување за воената тактика што била користена. Со турите, велат од општината, посетителите имаат можност да уживаат во убавините на Дојран.