фото: Архива/Илустрација

Самовработувањето е многу важна мерка и во Буџетот се издвоени средства коишто се од износ отприлика 2,5 милијарди денари, или околу 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони повеќе од минатата година. И ова е историски највисока поддршка којашто до сега се случила, изјави премиерот Христијан Мицкоски на денешната седница за поставување пратенички прашања, нагласувајќи дека ова беше исклучително успешна мерка, барем досега, изразувајќи надеж така ќе биде и во периодот којшто следи.

Мицкоски истакна дека Оперативниот план за самовработување е доказ дека државата инвестира во младите, нагласувајќи дека со овој план во 2025 година ќе бидат опфатени нешто повеќе од 16.500 лица – нешто што, како што рече, мислам дека е најголем опфат до сега и јасен доказ дека државата практично инвестира во луѓето, а посебно во младите.

– До пред една недела издадени се вкупно 2.916 ваучери за изработка на бизнис план и дел од тие ги промовиравме во Владата. Оценети се 2.681, при што 1.140 се за млади до 29 години, 912 за лица над 29 години, а 629 за правни субјекти регистрирани како друштва со ограничена одговорност. Во моментот повеќе од 2.500 лица веќе се во процес на потпишување договори. Финансиската поддршка е значително зголемена: 7.000 евра за лица над 29 години или 14.000 евра ако се здружат во ДОО, и 10.000 евра за млади до 29 години или 20.000 евра ако се здружат во ДОО – нагласи Мицкоски и додаде дека ова е нешто коешто за прв пат се случува во Македонија.

Мицкоски, посочи дека во годините коишто следат очекува поддршката којашто е дел од овој Оперативен план за самовработување само да се зголемува, бидејќи, како што рече „ако ние со 40 милиони евра успеавме да анимираме повеќе од 16.500 луѓе, тоа е сериозна бројка и убеден сум дека од тие бизниси ќе излезат многу бизниси старт-ап коишто понатаму ќе донесат додадена вредност во македонската економија“.

– Ваква поддршка за младите немало. Генерално зборувам, реконструкција на студентските домови, ваучерите за студентите за електронски уред и кога сето ова ќе се земе предвид, ценам дека како Влада правиме нешто коешто до сега никој не го направил во независна Македонија за младите – изјави Мицкоски.