Министерството за спорт го реконструираше спортскиот комплекс во близина на Спомен Костурницата во Куманово, информираа денеска од Министерството. Комплексот опфаќа фудбалски терен, кошаркарско и одбојкарско игралиште со полипропиленска подлога, како и фитнес зона опремена со современи реквизити, со што Куманово добива нов простор кој овозможува услови за спорт и рекреација за сите генерации.
Од министерството велат дека продолжуваат со реализација на својата визија за развој на спортската инфраструктура низ целата држава. Куманово доби современ, целосно реконструиран спортски центар, изграден во рекордно време.
Министерот за спорт, Борко Ристовски, истакна дека проектот во Куманово е дел од пошироката стратегија за инвестирање во спортот и создавање современи услови за тренинг, натпревари и рекреација низ целата државата.
– Тоа што го ветивме, го исполнивме во рекордно време. Куманово доби современ спортски центар со мултифункционални игралишта и фитнес зона, простор кој ќе биде место за спорт, здрави навики и дружење. Министерството за спорт интензивно вложува во изградба и реконструкција на спортската инфраструктура, за спортот да биде достапен за сите – изјави министерот Ристовски.
Со овој проект, Министерството за спорт уште еднаш ја потврдува својата определба дека вложувањето во спортот е вложување во здравјето и иднината на граѓаните.

































