Фото: „Нова Македонија“

РЕК Битола активно работи на минимизирање на проблемите кои се предивикуваат од прашина при поинтензивен ветер или поради специфичниот процес на производство, транспортот и одлагањето на пепелта преку по 3,7 километарска лента.

Од секторот за односи со јавност на РЕК Битола информираат дека пепелта, како нуспроизвод од производството на електрична енергија, се третира со континуирано навлажнување, проследено со одлагање и засипување со земја.

-Високите температури и ветерот може да доведат до сушење на површинскиот слој и евентуално подигнување на прашина при нејзиното спуштање во касетата. На 26 март 2025 година, Државниот инспекторат за животна средина изврши надзор на одлагалиштето за пепел во РЕК Битола. При увидот беше констатирано присуство на поголеми количини на пепел кои отстапуваат од пропишаните во Главниот рударски проект, за што беше издадено задолжение во рок од 30 дена количините да бидат соодветно одложени и посипани со земја. Инспекторатот не изрече санкции, што укажува на препознавање на напорите на комбинатот за решавање на ова прашање. Информираме, посочуваат од РЕК Битола, дека денеска, на одлагалиштето кое беше предмет на инспекцискиот надзор, нема ниту еден грам пепел. Целата количина е одложена, а теренот е целосно посипан со земја.

Од РЕК Битола соопштија дека од 25 април одлагањето на пепелта ќе продолжи директно во касета, а водените топови за дополнително навлажнување ќе бидат ставени во функција веднаш по поместувањето на лентата.

Согласно добиените податоци и резултатите од мерењата на амбиенталниот воздух спроведени од страна на акредитираната лабораторија „Технолаб” Скопје, констатирано е дека во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за заштита на човековото здравје за концентрацијата на суспендирани цврсти честички ЦЧ10 (PM10) – нагласија од РЕК Битола.