Фото: Маја Јаневска-Илиева

Претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на Македонија, денеска се обрати во Собранието, ставајќи акцент на регионалната соработка како клучен предуслов за напредок кон Европска Унија. Тој порача дека европската интеграција не е само национална цел на Албанија, туку заеднички стратешки проект на двете држави.

-Европа не е само дестинација, тоа е стандард. Тоа е владеење на правото, функционални институции и еднаквост за сите граѓани. Северна Македонија има преземено тешки решенија и Албанија ве поддржува без никакви пречки. Отворените прашања со соседите и историските дебати влијаат врз довербата, но веруваме дека решението е во дијалог и договорите за реформи. И Албанците и Македонците знаат дека на Балканот се произведува повеќе политика отколку што може да се консумира. Знаеме дека на Балканот историјата била често многу гласна. Но, иднината мора да биде појасна и поблагодарна. Соседството не е само географска реалност. Сè што ќе се случи на меѓународен план, Албанија и Северна Македонија ќе останат соседи. Географијата не се менува, но квалитетот на нашите односи зависи од нас. Не станува збор колку сме блиску, туку колку сме силни заедно и ќе соработуваме, координираме и колку визионери ќе бидеме – рече Бегај, пренесе МИА.

Тој повика на продлабочување на економската соработка, засилена координација во рамки на НАТО, како и заеднички инвестиции во инфраструктурата, образованието и културата, нагласувајќи ја потребата од создавање повеќе можности за младите и зачувување на Охридско Езеро.

-Да ја продлабочиме нашата економска соработка, да ја зацврстиме координацијата во НАТО, да градиме инфраструктура, образование и култура. Заедно да го заштитиме Охридското Езеро како наследство за идните генерации. Да создадеме повеќе можности за младите и да градат иднина во нашите земји. Да вложуваме во човечки односи, за нашата врска да биде пример за регионот, како од недоразбирања создадовме партнерство. Време е да одиме заедно кон интегриран, поконкурентен и поправеден регион. Во ѕидовите на ова на Собранието чука срцето на мултиетничка држава. Албанија ќе биде тука, не само како сосед, како економски партнер, не само како сојузник во НАТО, туку како поддржувач кој верува во вашиот модел и нашата заедничка евроатлантска иднина. Да работиме за нашите деца да растат во регион каде границите се само административни показатели на мапата и каде иднината е една – во европското семејство – рече тој.

Говорејќи за безбедносните прашања, Бегај потенцира дека членството во НАТО подразбира активна одговорност и заеднички ангажман.

-Ние сме членки на НАТО, што не е само формално присуство, туку тоа е стратешко ангажирање и заедничка одговорност. Членството во НАТО ја гарантира нашата безбедност, но бара и активен придонес. Албанија и Северна Македонија учествуваат во мисии и заедно споделуваат тежина за заштита, токму во момент кога безбедноста е под прашалник. Заштитата на критичната инфраструктура и енергетската координација се конкретни прашања каде мора да се заснова нашата блиска соработка. Албанија има неколку проекти со НАТО кои ја засегаат и регионалната безбедност. Догодина ќе се одржи самитот на НАТО во Албанија. Република Албанија ја поддржува Република Косово за нејзино членство во меѓународните организации. Не е праведно што Косово остана надвор од евроатлантските процеси. Албанија ја цени Северна Македонија за соработката со Косово, за поддршката, за тоа што бевте меѓу првите кои ја признаа неговата независност. Ова е инвестиција во безбедноста на целиот регион – рече тој.

Осврнувајќи се на билатералните односи, Бегај нагласи дека тие се темелат на заеднички интереси, стабилна прозападна ориентација и заемна поддршка во евроатлантските процеси, при што го издвои и значењето на Коридор 8 како стратешки инфраструктурен проект.

-Коридорот 8 е најдобриот пример како се спојува безбедноста и економијата. Тој ја намалува дистанцата, ги намалува трошоците и ја зголемува конкурентноста. За бизнисот е трговска артерија; а за граѓаните можност за вработување; за регионот е порака за безбедност затоа што соработката е секогаш подобра од изолацијата. Коридорот 8 е интегрален регионален проект кој ја поставува Македонија и Албанија во срцето на една стратешка оска. 2026 носи нови предизвици. Европската безбедност денес не се мери само со изјави, туку и со соработа. Инвестицијата во Коридорот 8 е истовремено инвестиција во општествена заштита и регионална соработка – рече тој.

Во делот посветен на внатрешната стабилност, претседателот на Албанија го истакна значењето на Охридски рамковен договор, нагласувајќи дека дијалогот и еднаквоста се основа за долгорочна стабилност и европска перспектива.

-Агресијата врз Украина, како и случувањата во Банско, покажуваат дека слободата и демократијата сè уште се под закана. Нашиот регион останува еден од најчувствителните региони. Затоа, нашите политики за безбедност треба да адресираат не само традиционални предизвици, туку и владеење на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и довербата на граѓаните во институциите – рече албанскиот претседател Бегај.