Фото: Сектор за комуникации и односи со јавноста - Собрание на Република Македониј

На вториот ден од 24. состанок на Мешовитиот парламентарен комитет Европска Унија – Македонија, што се одржува во Европскиот парламент, во Стразбур, Франција, со кој копретседаваат пратеничката проф. д-р Иванка Василевска и европратеникот Карло Реслер, пратениците од Собранието на Македонија и европратениците од Европскиот парламент, како што информираат од собраниската прес-служба, се фокусираа на перспективите на пристапниот процес, добрососедските односи, како и на регионалната соработка и стабилност, за животната средина, транспортот, енергетиката и инфраструктурната поврзаност, а внимание посветија и на вештачката интелегенција и дигитализацијата.

Пратеничката Соња Мираковска, во своето обраќање на темата „Перспективите на пристапниот процес, добрососедските односи и регионалната соработка и стабилност“, истакна дека последниот Извештај за напредок подготвен од Европската комисија дава сеопфатен преглед на постигнатите резултати, но и детектира недостатоци со препораки за нивно надминување и тие да бидат земени предвид од државните институции.

– Македонија продолжува да одржува позитивен тренд на соработка и интензивна билатерална комуникација на високо ниво со сите земји од Југоисточна Европа. Билатералните односи се карактеризираат со интензитет, подготвеност за надминување на отворените прашања, ефикасно спроведување на постојните форми на соработка – нагласи таа.

Кај европратенкиците, кои дискутираа на оваа тема, како што информираат од собраниската прес-служба, доминирал ставот дека на Македонија треба да ѝ биде дадена шанса да ги постигне европските критериуми, со тоа што ќе ги почне пристапните преговори и нагласиле дека не треба да се пропушти моментот кога ЕУ може да има успешна приказна, во услови кога се соочува со сериозни предизвици.

Пратеничката Арбана Пашоли истакна дека, според досегашната дискусија се добива впечаток дека има волја да се надминат сите отворени прашања, и додаде дека дијалогот е единствено решение.

-Ние припаѓаме на Европа и географски и политички и се надевам дека сите ќе направиме напори тоа да се реализира – додаде Пашоли.

Во однос на прашањата за животна средина, пратеничката Саранда Имери Стафаи истакна дека Република Македонија има постојан напредок во рамките на Поглавје 27, додавајќи дека Стратешката рамка на земјата во голема мера е воспоставена преку Националниот план за енергија и клима (NECP) за политиките за декарбонизација и клима.

-Пречистителната станица за отпадни води во Скопјe означува голем чекор напред во управувањето со урбаните отпадни води. Значајната соработка со институциите на ЕУ дополнително го зајакна усогласувањето на регулативата, особено во управувањето со квалитетот на воздухот, реформата на секторот за отпад и планирањето за прилагодување кон климата – додаде Имери Стафаи.

Во своето излагање на темата „Транспорт, енергија и инфраструктурна поврзаност“, пратеникот Љупчо Пренџов, ги презентираше државните политики во оваа насока и нагласи дека наша определба е да инвестираме во инфраструктура, а тоа е инвестиција во иднината.

-Инвестираме во нашата економија. Во регионалната стабилност. Во подобар животен стандард за сите наши граѓани. Работиме на намалување на бирократијата на граничните премини и планираме да ги дигитализираме транспортните процеси. Се фокусираме во блиска иднина да имаме одржлив и декарбонизиран транспорт, сѐ со цел, да ја подигнеме безбедноста и да ги достигнеме европските стандарди, потенцираше Пренџов и додаде дека „овие приоритети се дел од нашата европска агенда и од заедничката визија за модерен, безбеден и зелен транспортен сектор на Западен Балкан.

Пратеничката и копретседавач со МПК, проф. д-р Иванка Василевска на темата за вештачката интелегенција и дигитализацијата, истакна дека Владата усвои Национална ИКТ стратегија – SMART/MK: 2030, која поставува системска визија и јасна мапа на патот за развој на дигиталната инфраструктура, унапредување на дигиталните компетенции, модернизација на јавните услуги и стимулирање на иновациите во деловниот сектор.

Таа, се вели во соопштението, исто така, информирала дека усвоени се и Законот за електронски комуникации, со кој се транспонира правната рамка на ЕУ за електронски комуникации, како и Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028, со Акциски план.

-Ова е стратешки документ насочен кон обезбедување безбедна, отпорна и доверлива дигитална средина преку низа активности и мерки, правејќи ја Македонија безбедно место за онлајн активности и работа, со напредни човечки и технички капацитети – нагласи Василевска.

Од Собранието информираат дека 24. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Македонија беше заокружен со заеднички препораки кои беа усвоени од Делегациите од Собранието на Република Македонија и Европскиот парламент.